Во Богота и во други градови во Колумбија секој ден недела од 7 до 14 часот, 120 километри улици се затвораат за возила и се отвораат за велосипеди, но и секакви рекреативни активности (трчање, јога, аеробик). Во настанот наречен CICLOVIA учествуваат 2 милиони луѓе или 30% од популацијата!, Други градови тоа го прават еднаш месечно, како Париз: секој прв ден недела во месецот. И во тој еден ден има резултати: намалено загадување, намалена бучава, намален стрес и можност да се погледне сопствената средина со поинакви очи: како би изгледала и звучела со помалку автомобили, велат од велосипедската иницијатива НаТочак.
Од таму посочуваат дека, еднаш годишно, и десетици македонски градови организираат т.н. Ден без автомобили, кој е во рамки на Европската недела на мобилност (16-22 септември). Но, нагласуваат тие, најчесто тој ден се сведува на получасовна велосипедска парада и се губи вистинското значење.
„Преретко е, прекратко е и не се доловува суштината. Вистински Ден без автомобили значи улицата во значителен дел од денот да биде отворена за различни активности: возење точаци и тротинети, џогирање, вежбање на отворено, музика, шетање, детски улични игри, можностите се многу. Несакајќи, вакви денови или часови сме добиле при посетата на Папата, за време на маратони, за време на политички настани или протести. Но, поентата е да ги добиеме и на организиран и смислено промовиран начин заради нас, граѓаните!“, реагираат од НаТочак.
Вело-активистите потенцираат дека докторите во светот веќе препорачуваат по 30 минути возење точак на ден, по 10 илјади чекори пешачење… Некои организираат групни пешачења или возења точак на своите пациенти. Здравствени организации, пак, препорачуваат до Владите да вложуваат во пешачка и велосипедска инфраструктура. Министерствата за здравство, нагласуваат од НаТочак, се едни од поборниците за стратегии за пешачење/возење велосипед во многу држави.
„Седечкиот начин на живот влијае на зголемување на ризикот од многу болести и потребно е преку смислени политики да се поттикнат луѓето да имаат умерена физичка активност на редовно ниво. Тоа е наједноставно да се прави преку движењето: пешки или на точак“, потенцира НаТочак.
Затоа, вело-активистите предложуваат Министерство за животна средина во соработка со Министерство за здравство и поддршка од МВР да иницира Ден без автомобили/ Отворени улици / Цикловиа / Здрави улици / (или како и да го именуваме локално) во еден определен ден во месецот (на пример секоја последна сабота или недела) низ цела држава.
Исто така, да се обврзе секоја единица на локална самоуправа да избере улици во населеното место кои ќе бидат затворени за автомобилски сообраќај, а отворени за пешачење, возење точак, трчање, шетање, детска игра, слободни активности.
„Преку ваква масовна кампања ќе се поттикнат луѓето да замислат каква би била нивната средина и начин на живот со помала употреба на автомобили, а ќе им се овозможи и нов начин на социјализација во јавен простор и физичка активност, особено важно за постарите лица, за лицата со посебни потреби, за децата, и особено важно во недостаток на слободен јавен простор“, соопштува иницијативата.
„Ова се нашите црвени велолинии“, нагласуваат здружените вело-активисти од повеќе градови.
Инаку, вело-активистите периодов спроведуваат своја велосипедска кампања поттикнати од новите парламентарни избори. Секој ден постираат по едно клучно барање релевантно на национално ниво. Зад овие барања стојат: НаТочак-Скопје, БитолаНаТочак, ПрилепНаТочак, ГостиварНаТочак, ТетовоНаТочак, ШтипНаТочак и КочаниНаТочак.
За останатите осум барања кликнете на една од бројките: 1 2 3 4 5 6 7 8