НаТочак: Кога Скопје би имал мерачи и за велосипеди, ќе имавме потврда за намален автомобилски сообраќај

Кога Скопје би имал мерачи и за велосипеди, покрај тие за автомобили, денес ќе имавме и потврда за тоа што значи намален автомобилски сообраќај, велат од велосипедската иницијатива НаТочак.

Од таму потенцираат дека можеби првпат во поновата историја на Скопје, изминатава недела бројот на луѓе на точак беше споредлив со бројот на луѓето во автомобили.
Исто така, велат вело-активистите, имаше голем пораст и на бројот на луѓето кои пешачат.

„Но Градот Скопје одлучил да мери само автомобили и поставил околу 850 мерачи за автомобили во асфалтот на скопските раскрсници. А, не поставил ниту 1 мерач за велосипеди. Секојдневно Градот на социјалните мрежи ни споделува каде поминале најмногу автомобили. Но, не и за другите превозни средства“, реагираа од НаТочак.

Овие бројки, нагласуваат тие, подоцна се користат за оправдување на автоцентрични проекти.

„’А, па нa крстосницата на Битпазар поминале најмногу автомобили, треба да ја направиме на 3 нивоа, треба пешаците да ги пуштиме по мостови’. ‘А, па на Рекорд поминуваат Z коли, ако Рекорд ја направиме пешачка улица, Z коли треба да минуваат на Даме Груев’ (колку треба да не ти текнува воопшто да помислиш дека дел од тие Z луѓе можат да поминат на друг начин?!) Никој не измерил колку пешаци минуваат таму и колку луѓе се качуваат во автобус и за нив да ги подобрат условите. Да не зборуваме дека никој не ни претпоставил дека може да биде поинаку ако поинаку се дизајнира уличниот простор, дека, кхм, навиките се променливи во зависност од условите?“, забележува НаТочак.

Загреб

Дека поминуваат X пешаци и Y велосипеди и ако одземеме коловозна лента, велат тие, ќе минуваат 5X пешаци и 3Y велосипеди…

„Ако само го тргнеме нелегалното паркирање на велосипедската патека на Партизанска од 0 велосипеди одеднаш ќе добиеме 2% учество на велосипедскиот сообраќај во скопскиот сообраќај… Ако продолжиме со такви проекти, можеме да замислиме колку ќе се подобрува ситуацијата. Но немаме целосни податоци, немаме целосна слика за однесувањето на луѓето. На база на нецелосни и свесно пристрасно и штетно избрани податоци се носат одлуки да се пробие ‘Климент Охридски во облик на автопат’ (без соодветни пешачки и велосипедски патеки) и Даме Груев да стане улица со 4 ленти и претесни тротоари. Врз база на строго автоцентрични податоци и проекции во врска со нив oвој град уште е заглавен во средината на 20-ти век со визиите“, реагираа од НаТочак.

Оттука, апелираат дека е време да зачекориме во 21-ви век. Односно, велат активистите, да размислуваме мултимодално, а не автоцентрично. Да го организираме поинаку уличниот простор. Сметаат дека граѓаните на Скопје сакаат да возат велосипед.

„Им требаат само порелаксирани услови, услови во кои ќе се чувствуваат побезбедно. Намалениот метеж и намалениот автомобилски сообраќај овој период си го прават своето и ќе продолжат да го прават, луѓето ќе се ориентираат на велосипеди. Штета што не можеме тоа да го измериме и соодветно да го унапредиме“, се вели во реакцијата на НаТочак.

Исто така во контекст на мерењето, предложуваат ЦУКС да прерасне во тоа што, сметаат тие, навистина му е името: Центар за управување и контрола на целиот сообраќај, не само за автомобилскиот сообраќај, како што сметаат дека е пракса.

„Поточно од центар за броење автомобили и програмирање семафори за автомобилскиот сообраќај да прерасне во центар за прибирање податоци за сите типови сообраќај: вклучително и патувања со автобус, патување со велосипед, пешачење, како и нивно анализирање. Во раните 2010-ти имале автоцентрична визија и вложиле милиони во ваков центар. Денес само се продолжува неговото егзистирање на истиот начин и со тоа се оправдува автоцентричната визија од минатото“, реагираа од НаТочак.

Вело-активистите потсетуваат дека во декември имале допис, пред да се донесе буџетот и програмите за 2020 година, во врска со предлози за сообраќај, но уште чекаат одговор.

Инаку, здружените велосипедисти и иницијативи НаТочак од повеќе македонски градови, изминатиов период веќе упатија и свои „црвени велолинии“, со разни барања за донесување Правилник за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура, Македонски железници да овозможат превоз на точаци во воз, да се направи „Визија нула жртви во сообраќајот“, но и велосипедот да стане дел од образовниот процес.