Во минатото предупредувавме за проблемите кои ќе настанат со поставување на огромни контејнери без да се води сметка за движењето на луѓето. Во меѓувреме, поставување огромни контејнери на локации на велосипедски и пешачки патеки не само што направи проблем за движењето, видливоста и безбедноста во сообраќајот, туку и нередовното собирање отпад направи мини депонии околу овие грамадни објекти, реагираат од велосипедската иницијатива НаТочак.
„Доаѓате со точак или пешки до огромен контејнер и во тесното просторче оставено за заобиколување има дополнително ѓубре и приморани сте да се симнувате на коловоз и да се изложувате на небезбедни ситуации. Како влијае ова на движењето пеш и со велосипед? Сигурно не мотивира нивно поголемо практикување! Напротив, демотивира“, стои во реакцијата.
Вело-активистите потсетуваат дека градоначалничката Данела Арсовска во својата кампања тврдеше дека ќе ги дислоцира контејнерите, но, велат тие, не само што не го направи тоа, туку и поставува нови на новата велосипедска инфраструктура.
Постави вакви контејнери на булеварот ‘Васко Карангелески’ во Аеродром, а како што гледаме и на територија на Општина Центар има нови контејнери на единствената улица со колку-толку функционална велосипедска инфраструктура – улицата ‘Орце Николов’.
„Бидејќи пред неколку години не добивме одговори врз база на кои стандарди и проекти се поставени контејнерите + бидејќи поставувањето во овој мандат продолжи без око да им трепне и без да се преиспитаат старите одлуки и со уште поголемо нарушување на стандардите за безбедност, убедени сме и тврдиме дека контејнерите се поставуаат без проекти, без ничиј потпис, без одговорност, стихијно. А за такво постапување и тоа како треба да се сноси одговорност!“, се вели во реакцијата на НаТочак.