НаТочак: Македонски железници да овозможат превоз на точаци со воз

Минимум 8 места за точаци во воз. Сосем извесно е ова да стане правило во ЕУ за сите нови и сите стари возови после обновување. Преку кампањата #TrainsForCyclists, Европската велосипедска федерација (ECF) и нејзините членки целат да стане обврзно сите возови на европско ниво да имаат специјален простор за барем 8 точаци.
Така ќе се поврзат најефикасните и најодржливите опции за мобилност: железница на долги дистанци и велосипед на кратки, соопштуваат од НаТочак.

Ние како држава, реагираат еко-активистите, иако декларативно се залагаме за битка со климатските промени, загадувањето, метежот во сообраќајот, нездравите навики, социјалната нееднаквост… сè уште кога зборуваме за сообраќајм мислиме на автомобили.

Односно, велат тие, сè уште немаме никаква визија за одржлив транспорт и не си ги поставуваме сами правилата на игра во корист на одржливиот транспорт кој помага да се решат сите наведени проблеми.

„Најверојатно ова правило 8 точаци за 1 воз ќе си го добиеме како услов кој сакале-нејќеле, ќе мора да го исполниме. Но, да не дојде до тоа, да ги направиме потребните чекори на време, заради самите нас“, потенцираат од НаТочак.

Оттука, вело-активистите бараат одржливиот транспорт и интермодалноста да бидат високо во транспортната стратегија на Министерството за транспорт и врски. При железничките (и автобуските) станици да се постават паркинзи за сопствени велосипеди и станици за изнајмување на велосипеди.

„Во секој стар воз со адаптирање Македонски железници да овозможи простор за поставување на минимум 8 велосипеди според правилото за кое се застапува ЕВФ, а при набавката на нови возови да се води сметка за спецификациите. Да не слушаме само ветувања за километри асфалт и продолжување на автоцентричноста, да слушнеме за поинаква транспортна визија! #Мултимодалност и #интермодалност!“, соопштуваат НАТочак.

Инаку, вело-активистите периодов сприведуваат нивна велосипедска кампања поттикнати од новите парламентарни избори. Секој ден постираат по едно клучно барање релевантно на национално ниво.

Зад овие барања стојат: НаТочак-Скопје, Битола На Точак, ПрилепНаТочак, ГостиварНаТочак, ТетовоНаТочак, Штип На Точак и Кочани На Точак.

„Ова се нашите црвени велолинии“, нагласуваат активистите, здружени од повеќе македонски градови.