Иницијативата НаТочак на својата фејсбук страница објави фотографија од полициско возило кое е паркирано на велосипедската патека на булеварот „Партизанска“ во Скопје и побара од надлежните да реагираат на ваквите пропусти.
„Слика и прилика за презентација на односот на полициски службеници кон велосипедскиот сообраќај. Овие претставници на МВР не се ниту свесни дека покрај автомобилскиот постои и велосипедски сообраќај, тоа очигледно го презентираат со паркирање на службено возило на вело патека и блокирање на движењето на граѓаните кои избрале велосипед како превозно средство“, посочуваат од иницијативата.
Тие во објавата на социјалната мрежа апелираат до институциите на поголема едукација и заштита на велосипедистите.
„Бараме Министерство за внатрешни работи да ги едуцира и обучи своите службеници пред да ги пушта на теренска работа. Бараме Град Скопје да постави заштитни столпчиња кои ќе ги штитат велосипедистите од оние кои по закон треба да обезбедуваат проодни сообраќајни површини. Бараме РСБСП како републичко советодавно тело за безбедност во сообраќајот, кое прави едукативни кампањи за граѓаните како безбедно да сообраќаат, да подготви една специјална едукативна кампања наменета за полициските службеници. До кога ќе го гушиме „Скопје Велоград“ во вакви прозаични пропусти?“, велат од НаТочак.