„Јавниот простор треба да биде заедничка дневна соба на градот, а не складиште на приватни автомобили. Сите сакаме да посетуваме и престојуваме во градови кои ги ставиле под контрола колите, не градови во кои тие царуваат и се поважни од луѓето. Сите сакаме и да живееме во таков град, само не сме спремни да сонуваме дека може. И тоа не можеме да го обезбедиме сами како поединци. Тоа мора да ни го обезбеди системот“, бараат од велосипедската иницијатива НаТочак.
Со цел да се постигне ова, тие имаат неколку предлози. Бараат општините со физички пречки да го спречат паркирањето по тротоарите. Полицијата да казнува. Да се спречат предимензионираните доградби од кафулињата, но и сета опрема која одзема од просторот за движење. Слободните профили на пешачките и велосипедски патеки да бидат гарантирани и заштитени со национални стандарди по целата должина, исто како што се за автомобилите, а за опремата да мора да се определуваат посебни зони.
„Улиците треба да се пријатни, добро дизајнирани, без високи рабници, слободни од нелегално паркирање и пристапни за сите! За децата да можат сами да одат на училиште! За лицата со попреченост независно и слободно да се движат! За сите на тркала (со велосипеди, тротинети, бебешки колички) да се движат без пречки!“, порачуваат од иницијативата.
Нивните барања се следни:
– Институциите да согледаат дека паркингот е привилегија, а не право, за разлика од правото на слободно движење и правото на живот на граѓаните кои се движат пеш, со велосипед, со количка.
-МВР да не толерира окупирање на јавен простор и да се застапи за безбедноста во сообраќајот пред непостоечкото право на паркирање на несоодветни места;
-Доколку МВР не ги ослободи јавните простори, да се дозволи формирање на комунална полиција.
– Сите јавни површини да се направат пристапни за тркалата на лицата во колички, детските колички, тротинетите, велосипедите;
-Министерство за транспорт и врски да донесе правила за поставување на урбана опрема / правила со кои ќе ги заштити пешачките и велосипедските профили, со цел да не се загрозува движењето.
Инаку, вело-активистите периодов сприведуваат своја велосипедска кампања поттикнати од новите парламентарни избори. Секој ден постираат по едно клучно барање релевантно на национално ниво. Зад овие барања стојат: НаТочак-Скопје, Битола На Точак, ПрилепНаТочак, ГостиварНаТочак, ТетовоНаТочак, Штип На Точак и Кочани На Точак.
„Ова се нашите црвени велолинии“, нагласуваат активистите, здружени од повеќе македонски градови.