Дали знаете дека немаме никакви стандарди за проектирање на велосипедска инфраструктура? Дека во Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање има само неколку реда за минималната широчина на велосипедска патека и толку?, реагираат од велосипедската иницијатива НаТочак.
За разлика од ова, велат активистите, стандардите за автомобилски сообраќај пропишани се во повеќе правилници на десетици страни, разработени се разни категоризации, па проектни брзини и широчини на ленти, радиуси на вртење, па бројност на возила, бројност на ленти, начини на вкрстување, начини на паркирање итн.
„Но, нашата регулатива не само што ги става автомобилите на прво место, туку за неа другите начини на сообраќај речиси и да не постојат, за нив не се пропишани стандардите ни приближно детално како за автомобилите. Оттука, не е воопшто за чудење што нашите градови се целосно автоцентрични. И да сакале од некоја општина да проектираат велосипедски патеки, немале на што да се повикаат од државните прописи, а ако се повикале на туѓи прописи, лесно проектот можел да им биде одбиен од институциите кои треба да го одобрат. (нешто што многу често се случува во МВР на велосипедските проекти од Град Скопје)“, се вели во соопштението на НаТочак.
Поради ова, велат вело-активистите, во врвот на нивните барања до идниот Парламент и раководства на Министерства (пред сè Министерство за транспорт и врски) е да се донесат што поскоро стандарди за велосипедска инфраструктура.
„Координативното тело за велосипедски сообраќај на Град Скопје веќе има сработено работна верзија која треба малку да се доработи во консултација со велосипедските организации и да се усвои“, велат тие.
Според НаТочак, срамота е да немаме вакви стандарди во 21-ви век, во ера на битка со загадувањето и климатските промени.
Соодветно на дефинираните типови велосипедска инфраструктура во Правилникот (велосипедски патеки, ленти, премини, велосипедски пат, велосипедска улица, велосипедски паркинг) ќе треба да се направат измени и за начинот на нивно користење во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата од страна на Министерство за внатрешни работи“, реагираат од НаТочак.
Со ова, вело-активистите започнуваат нивна велосипедска кампања поттикнати од новите парламентарни избори. Секој од наредните 9 дена ќе постираат по едно клучно барање кое е релевантно на национално ниво.
Зад овие барања стојат: НаТочак-Скопје, Битола На Точак, ПрилепНаТочак, ГостиварНаТочак, ТетовоНаТочак, Штип На Точак и Кочани На Точак.
„Ова се нашите црвени велолинии“, нагласуваат активистите, здружени од повеќе македонски градови.