НаТочак побара од кандидатите на претстојните локални избори без разлика дали се претставници на политички партии или настапуваат независно, во своите програми за Скопје да предложат конкретни мерки за одржлив и безбеден сообраќај и да се заложат за град кој е пријателски за пешачење и за возење велосипед.
„Промените кои се случуваат во главниот град се со многу споро темпо, во некои општини комплетно изостануваат, а со секоја позитивна промена честопати се случува и назадување на друго поле. Поради тоа, НаТочак смета дека идната локална власт треба да заземе посериозен пристап со фокус на 10 конкретни точки кои ги наведуваат, а кои се однесуваат на ослободување на тротоарите и јавниот простор, непрекината и достапна велосипедска мрежа, нула жртви во сообраќај и „зона 30“ на територија на целиот град каде нема издвоени велосипедски патеки, практични и безбедни паркинзи за велосипеди, стандардизирање на планирањето и проектирањето на велосипедската инфраструктура, денови без автомобили, посеопфатно и поразновидно субвенционирање на велосипеди како и систем за изнајмување, целосно искористување на потенцијалот на кејот на Вардар како велосипедска магистрала, промена на сообраќајниот систем на Скопје“, посочуваат од иницијативата.
НаТочак најави дека овие десет точки ќе ги испрати до сите кандидати на локалните избори за Град Скопје и скопските општини веднаш штом ДИК официјално ги објави официјалните учесници, но, исто така, ќе направи и евалуација на понудените програми на сите политички партии и независни кандидати.
„Нашата визија е Скопје до 2030-та да стане најпријателскиот за пешаци и велосипеди град на Балканот, со модално учество на велосипедите од 15% од градскиот сообраќај и со нула жртви во сообраќајот, град кој е зелен и пријатен за живеење, а до 2025-та мора да се постават темелите и интензивно да се работи на такво Скопје. Која е вашата?“, прашуваат од иницијативата.
Таа веќе девет години наназад се бави со анализа и мерки на унапредување на велосипедскиот сообраќај во главниот град, но и на безбедноста, одржлив развој, урбанизам, градови за луѓе и сродни области. Предложените мерки се во насока на креирање на диверзитет на транспортните опции, но и редица други придобивки од здравствена, урбана и еколошка природа.