НаТочак: Важно е да се има фокус и точни барања од институциите за безбедноста во сообраќајот

Додека вниманието на сите е насочено кон безбедноста во сообраќајот, најважно е да се има фокус што точно се бара од институциите и што може да направи секоја од нив (а и самите граѓани), се вели во јавната објава-анализа на иницијативата НаТочак, каде се наведени и конкретни предлози и барања до институциите.

Во прилог ви го пренесуваме целиот текст од НаТочак, интегрално:

1.Што може судската власт да направи за овој случај?

– Да досуди правично во овој случај со максимална казна, за разлика од многу пати досега кога се работело за убиство во сообраќај и конечно да почне поинаква пракса! Очигледно досегашната пракса не вродила со плод. Вреди да ги потсетиме судиите која е поентата на судењето? Поентата не е само да се казни сториттелот, туку и да се прати порака кон јавноста. Несериозното третирање на убивањето во сообраќај од страна на судството со минимални казни, условни казни, намалени казни и слично, прави луѓето да не го сфаќаат учеството во сообраќај толку сериозно и настани кои можеле да се избегнат да ги перцепираат како несреќни (случајни) случаи. Тоа влијае да влегуваат во ризични ситуации и да се надеваат на „среќата“. Поинаку е кога на возачите ќе им виси над глава дека луѓе се осудуваат сериозно за такво однесување. Учеството во сообраќај со возило кое може да убие е многу одговорна работа.

2.Што може извршната власт да направи за безбедноста?

2.1.Министерството за Транспорт да ги прифати предлозите за измена на Правилникот за урбанистичко планирање, во кои заедно со Go Green и другите НаТочак организации од Македонија, меѓу другото предлагаме и широчината на ленти за различни улици да одговара на проектната брзина (3 м за 40-60 км/час, 3.5 м за 80-100 км/час), а не да се дефинира висок минимум и да се форсираат автопатски широки ленти низ градска средина.

Потребен е само потпис на министерот.

(посебниот Правилник за велосипедска инфраструктура е посебно барање од ова. Правилникот за урбанистичко планирање е „уставот“ за улиците низ државата).

2.2.Министерството за образование преку Бирото за Образование да ги подобри програмите за автошколите. Во случајов не се работеше за положен возач, но факт е дека и положени возачи се однесуваат слично и треба да се делува на секое можно поле. Постојат современи пристапи во образованието, каде идните возачи се едуцираат за безбедноста, реалните последици, статистики и одговорноста која ја имаат при управувањето со возилото (што има тежина на управување со оружје).

2.3.Министерството за внатрешни работи да излезе масовно на улиците, особено до пуштање на системот Безбеден град и да казнува најмногу за најтешките дела (возење со прекумерна брзина).

– На долг рок може да продолжи да казнува неселективно (и по пуштањето на Безбеден град)

– А цело време може да одобрува сообраќајни проекти кои ги задоволуваат потребите на пешаците и велосипедистите на прво место, наместо на возачите на автомобите.

3.Што може Собранието да направи за безбедноста?

– Прво што Собранието итно треба да направи е да ги изгласа потребните законски измени за системот Безбеден град што поскоро се пушти во функција. Ќе спаси многу животи. Нели и тоа беше поентата?

– Може да расправа, секако, и може да поттикне законски измени во сферата на безбедноста на сообраќајот и во кривичната одговорност. Сметаме дека возење над одреден број км/час (пр. 30 км/час повеќе од дозволеното со знак) треба да се третира како јавна опасност/па дури и своевиден тероризам и да повлече одземање возило и возачка дозвола. Ова е тема која што не ни е детално обработена и немаме готови конкретни предлози со член и формулации како за правилникот погоре, но има многу што таму да се менува. Исто така, треба да се разгледаат построгите регулативи и што прават побезбедните држави на ова поле. Ваквите случаи треба да се преформулираат како убиства во сообраќај, наместо „незгоди“.

– Вреди да се размисли и за донесување на Визија нула (Визија за нула жртви во сообраќај на државно ниво).

4.Што може Градот Скопје и општините да направат за безбедноста?

– Наједноставно, да не планираат автоцентрични, туку мултимодални улици.

Ни доаѓаат локални избори и очекуваме само такви ветувања!

Град Скопје да воведе ефикасен јавен превоз (без оглед од кој тип, дали БРТ; дали трамвај, тоа е прашање на финансии, суштината е да има издвоени ленти и да биде побрз од автомобилите), да продолжи да шири велосипедска мрежа, да ослободува тротоари, трга билборди кои го одземаат вниманието на возачите, а автомобилите да ги симне од тронот на средство кое ќе ни служи, наместо средство на кое ќе му служиме.

5.Што можат општините да направат за безбедноста?

– Да воведат вистински зона 30 на речиси сите улици во нивна надлежност, со вистински, физички мерки. Да ги ослободуваат тротоарите од паркирани возила. Не смееме да плаќаме со безбедноста на децата бесплатен паркинг за нечие второ и трето возило.

6.Што можат граѓаните да направат за безбедноста?

-Да излезат на протест до исполнување на барањата.

——————————–

Деновиве скоро сите институции кои се изјаснија за своите одговорности изјавија дека не се тие надлежни и не лежи кај нив одговорноста.

Ова е делумно точно.

Одговорноста лежи кај сите нив и сите нас.

Затоа сите заедно да направиме она што е во наши можности за да нема уште една девојка како Фросина на македонските улици и во црните хроники.