Дали знаете дека освен Скопје другите градови немаат воопшто План за велосипедски патеки, а уште помалку План за одржлива мобилност? Ако во уште 6-7 градови граѓаните на организиран начин веќе 5-8 години (зависи каде колку) се организирани и се застапуваат за промени, повеќето општини сè уште немаат изградено ни 1 km велосипедска патека, се вели во реакцијата на велосипедската иницијатива НаТочак.
Поради недостатокот на визија кај локалната самоуправа да се гледа надвор од традиционалниот автоцентричен модел на планирање, недостаток на финансии и стручни капацитети, велат вело-активистите, неопходно е Владата и државните институции да дадат поттик во правилна насока, преку соодветни обврски, но и поддршка.
„Но, да не мислиме дека само кај нас е тоа случај. И Словенија започнува еден ваков процес во 2015г. кога преку Министерството за инфраструктура со обезбеден Национален фонд и поддршка од претходно обучени лица, во рок од само 2 години дури 70 општини во Словенија изработуваат Планови за одржлива мобилност (SUMP). Општините кои изработиле, добиле поддршка од европски фондови и за реализација. Реализацијата вклучила подобрување на инфраструктурата за пешачење, возење велосипед и за јавен превоз, како и други мерки“, соопштуваат од НаТочак.
На располагање за оваа активност, финансирање и консултантски услуги, велат тие, стојат и европските фондови и проекти.
Според НаТочак, една ваква обврска ќе ги поттикне општините да воспоставуваат и меѓународни соработки, регионална соработка (за споделување искуства со други општини итн).
„Оваа обврска е целосно во насока на целите на Владата за намалување на загадувањето (транспортот е втор фактор по уделот во загадувањето), подобрување на здравјето, зголемување на безбедноста во сообраќајот (која е цел на транспортната стратегија на РМ) и подобрување на економската клима“, соопштува иницијативата.
Попривлечни за инвестирање се дестинациите кои нудат диверзитет на транспортни опции. Одредени инвеститори, потенцитаат активистите, веќе бараат градовите каде ќе отвораат свои капацитети да имаат развиена велосипедска мрежа и јавен превоз.
„Кога би направиле студија колку се загубите од загадувањето, бучавата, повредените во сообраќај, да не зборуваме загинатите (не би сакале животите да ги сведуваме на финансии, но постојат проценки и за тоа, покрај за лекувањето и материјалната штета предизвикани од сообраќајни судири), за кардиоваскуларните заболувања поради мала физичка активност и седечки начин на живот, за изгубеното време и волја за работа со барањето паркинг за кола… Ќе испадне дека целосно неодговорно го планираме транспортот“, велат тие.
Понатаму, НаТочак потенцира дека во сè повеќе студии се покажува дека инвестирањето во велосипедска инфраструтура има висок степен на поврат: Проценката на Лондон за Лондонската велосипедска мрежа е дека има Benefit Cost Ratio (соодност на придобивки спрема трошоци) од дури 3.94, што е одлично за транспортен проект и ги надминува СИТЕ инвестиции во патишта и улици за автомобили. Академски анализи на Копенханген заклучиле дека возењето автомобили го чини општеството 6 пати повеќе од возењето велосипед. Секој извозен километар со кола го чини општеството 0.15 €, а општеството заработува 0.16 € со секој извозен километар со велосипед“, соопштува НаТочак.
Имајќи ги сите здравствени, еколошки и економски придобивки, потенцитаат тие, определувањето на ваков Фонд и ваква визија се една од попаметните инвестиции кои една држава може да ги направи.
Инаку, вело-активистите од вчера започнаа нивна велосипедска кампања поттикнати од новите Парламентарни избори. Секој ден ќе постираат по едно клучно барање кое е релевантно на национално ниво.
Зад овие барања стојат: НаТочак од Скопје, БитолаНаТочак, ПрилепНаТочак, ГостиварНаточак, ШтипНаТочак, КочаниНаТочак.
„Ова се нашите црвени велолинии“, соопштуваат здружените вело-активисти.