Знаете ли дека во населени места градиме улици со широчина на лента каква што во Холандија (една од 3-те држави со најбезбеден сообраќај во светот) имаат автопатите и притоа: за 20% ја зголемуваме цената на чинење (лентите се широки 3.5m наместо 3m и помалку). За 80% ја зголемуваме проектната брзина (од 50 на 90 км/ч). За 100% ја зголемуваме за шансата за смртност (од 50% на 100%), а со тоа и барем двојно го зголемуваме бројот на жртви?, соопштуваат од велосипедската иницијатива НаТочак.
Според вело-активистите, политичарите треба да станат свесни колкава одговорност за човечки животи лежи во таквите проекти и да престанат контрадикторно да промовираат „ја зголемуваме брзината и безбедноста“. Одговорните политичари, велат НаТочак, се борат за поголема безбедност, помали брзини и нула жртви од сообраќај“
„Секоја година 130-200 граѓани (7.5 на 100 илјади жители) го губат животот на улиците и патиштата низ Македонија“, реагираат вело-активистите.
Тие потенцираат дека преку својата Визија Нула, Норвешка во 2017 достигна 2 жртви на 100 илјади жители (европски рекорд) и продолжува да се стреми кон нула (Vision Zero).
„Vision Zero пристапот го става фокусот на одговорноста на системот, не очекува дека со кампањи ќе создаде совршени поединци. Преку Vision Zero се цели да се создадат такви сообраќајни решенија што човечката грешка ќе ја сведат на минимум: успорување на сообраќајот, стеснување на лентите, подигнувања на коловозите, обезбедување инфраструктура за пешаци и велосипеди, намалување на присутноста на автомобили итн“, објаснува НаТочак.
Според иницијативата, кампањите се покажало дека делуваат кај 1-5% од луѓето. Казнените модели делуваат, велат тие, но само кога е присутна полицијата и кога е непристрасна. Но, дизајнот на инфраструктурата делува 100% од времето кај 100% од луѓето.
„Безбедниот дизајн на улиците спасува животи“, потенцираат од НАТочак.
Затоа, иницијативата барам донесување Визија Нула (Vision Zero) нула жртви во сообраќајот на државно ниво која ќе ги вклучи сите релевантни чинители.
„Промена на стандардите за широчините на ленти, големините на радиусите и проектните брзини во новиот Правилник за урбанистичко планирање (моменталниот е заснован на претпоставки постари од половина век). Сите улици од секундарна мрежа да имаат смирен сообраќаj до максимум 30 км/ч. и да се користат физички методи на смирување (подигнати крстосници, подигнати пешачки премини, искривување на коловозот). А потоа и другите мерки: активирање на полицијата пред сè за брзото возење и подобрување на задолжителното образование (основно и автошколи). Да учиме од добрите примери, а не да ги повторуваме неуспешните обиди на решавање на проблемите само преку кампањи до недоглед. Бараме системска одговорност и стремење кон НУЛА ЖРТВИ“, соопштуваат вело-активистите.
Инаку, вело-активистите периодов сприведуваат нивна велосипедска кампања поттикнати од новите парламентарни избори. Секој ден постираат по едно клучно барање релевантно на национално ниво.
Зад овие барања стојат: НаТочак-Скопје, Битола На Точак, ПрилепНаТочак, ГостиварНаТочак, ТетовоНаТочак, Штип На Точак и Кочани На Точак.
„Ова се нашите црвени велолинии“, нагласуваат активистите, здружени од повеќе македонски градови.