Велосипедистите од #НаТочак за време на вчерашната #КритичнаМаса, ги положија своите велосипеди на ул. Јордан Мијалков во Скопје, во знак на протест поради градските сообраќајни политики, кои според нив се штетни за безбедноста во сообраќајот.
Тие се револтирани од односот на Град Скопје бидејќи според нив, со реновирањето на улицата Ј.Мијалков и проширувањето во три ленти, градот се погрижил само за удобноста и брзината на автомобилите, заборавајќи ги сите останати учесници во сообраќајот.
„Но каде да движат велосипедисти, пешаци, инвалидски колички, не дадоа одговор. Со тоа Градот јасно ја испрати следната порака:
Во овој град постоиш само ако возиш автомобил! Ако се движиш пеш, НаТочак, со инвалидска количка тогаш не си важен – не постоиш. На градов му е важно само ако правиш бучава, ако го загадуваш и ако си опасност за околината.
Во тој случај ќе ги добиеш најдобрите услови за движење: широки улици, зелени бранови, колку сакаш ленти и целиот град ти е едно огромно бесплатно паркиралиште. Пешаци, велосипедисти… тие се вишок во сообраќајот, кои постојат само да го рушат комфорот на АвтомобилоЦентричното ни мило Скопје“, реагираат велосипедистите.
„На Точак“ е неформална група скопски велосипедисти, оформена првично преку социјални мрежи. Цел на „На Точак“ и на организирањето на Критична маса во Скопје е популаризација на точакот како урбано превозно средство.
Критична маса во Скопје се одржува секоја последна среда во месецот.