Национал-шовинизмот во подем на социјалните мрежи

Национал-шовинизмот во подем на социјалните мрежиНационализмот и шовинизмот се повеќе се присутни на социјалните мрежи. Деновиве на Фејсбук се појави профил според кој наводно се формирала „Македонска национал-социјалистичка организација – Македонска зора“, каде може да се забележат голем број национал-шовинистички и расистички коментари.

На насловната фотографија е поставено вооружено маскирано лице, на црна позадина со жолто сонце и череп во средината на сонцето. Организацијата најавува дека наскоро ќе одржи своја промоција и ќе го издаде првиот македонски националистички весник кој ќе се дистрибуира „до сите граѓани патриоти и македонски национални десно ориентирани организации, партии и здруженија“.

Филип Стојановски од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ вели дека ваквото ментално труење на корисниците на интернет е опасно, бидејќи претставува поттик и најава за физичко насилство.

„Има низа случаи од блиското минато за напади врз наши сограѓани, како резултат на кампањи за ширење омраза. Последниот беше во сабота, кога активисти на човекови права биле нападнати во Битола. Град во кој и локалните власти и сите други релевантни фактори толерираат графити со нацистички симболи насекаде, па дури и на главната улица Широк Сокак. Како тоа да е нормално“, вели Стојановски за Радио МОФ.

Според него, она што го гледаме на социјалните мрежи е последица на постојаната националистичка индоктринација на младите и неспроведувањето на законите, меѓу кои и Кривичниот законик според кој би морало да се санкционира говорот на омраза.

Izjava na Filip Stojanovski od Fondacijata “Metamorfozis” by Radio Mof on Mixcloud

Социолозите велат дека национализмот секогаш се појавува кога постои криза во општеството.

„Општо познато е дека македонското општество се наоѓа во криза, национализмот засилено се појави кога се распадна Југославија, „Златна зора“ во Грција се појави исто така по големата криза во која западна земјата а и нацизмот во Германија се појавил по економска криза, така да она што се појавува на социјалните мрежи е одраз на реалната ситуација и може да води до посериозни конфликти“, вели социлогот Нелко Стојановски.

Пред неколку дена на Youtube се појави и видео каде маскирано лице го пали албанското знаме, додека во позадина свири фолк песна во која се повикува на насилство кон Албанците. Слични видеа, во кои група луѓе го горат македонското знаме и извикуваат погрдни зборови кон Македонците, пред неколку месеци исто така беа актуелни во медиумите.

К.О.