На 23 јуни со почеток во 20 часот ќе се отвори изложбата „Натура“ на Тамара Забазноска. За опусот кој ќе биде изложен во Младинскиот културен центар, авторката вели дека е базиран врз науката и знаењата, насловен „Натура“ поради љубовта кон природата во сите нејзини манифестации.
„Со „Натура“ доаѓа љубопитноста, поривот да се истражат и откријат местата каде што човекот се среќава преку природата со себе. И додека ги користиме сетилата за да изразиме делови од нас што се скриени, така може да користиме и различни елементи за да го направиме видлив оној дел од природниот невидлив свет. „Натура“ е синтеза помеѓу универзалното и микроскопското, силите што ги брануваат длабочините на човечкото битие и природата, која крие тајни и нуди одговори. Можеме да ги примениме нејзините тајни и да ги прочитаме одговорите преку нови откритија како основа за нашата иднина“, се вели во известувањето.
Тамара Забазноска е интердисциплинарен уметник и архитект. Родена во Скопје, 1987 година, ги стекнува првите знаења преку енциклопедиите и бајките, за понатаму да го насочи својот интерес кон математиката, геометријата и релациите во просторот, преку Архитектонскиот Факултет, кој го завршува 2011 година. Потребата за истражување, желбата за изразување на природните сили, новите научни знањеа и учења се постојан поттик за репрезентација на шемите во микро и макро светот на природата и човекот, кои ги опфаќа преку втор магистерски труд на тема Архитектурата во природата и Природата во архитектурата во 2018 година, како и низ делата на композитно дрво создадени од клинци, конец и стакла.