Третата конференција Наука за деца, годинава под мотото „Надгради ја твојата реалност“ ќе се одржи денеска и утре, 18 и 19 октомври во Интернационалното училиште „Нова“. Свеченото отворање на конференцијата е со почеток од 18 и 30 часот и целото ќе може да се следи онлајн, на Фејсбук страницата на Наука за деца.
„Во програмата влегуваат пет предавања на деца кои минатата година од Фондација Кантарот добија стипендии за извонреден научен потенцијал. Децата беа менторирани од наши научници кои работат низ целиот свет“, информираат од конференцијата.
Главен говорник е Бас Рокерс, професор на Универзитетот Њујорк во Абу Даби, кој, како што велат оттаму, е своевидна рок ѕвезда во светот на виртуелната реалност.
„Во рамки на свеченото отворање ќе бидат доделени и нововостановената награда ‘Колега Стиков’ за најдобар млад презентер, во чест на доајенот на нашето спортско новинарство, Александар Стиков, и наградата за извонреден научен потенцијал ‘Иван Ќостаров’, која оваа година се доделува по вторпат“, известуваат оттаму.
Во сабота ќе се одржат шест работилници за деца на теми Капиларна активност и демонстрација со виртуелна реалност, Електромотори и демонстрација со виртуелна реалност и Француска наука со виртуелна реалност.
Во текот на денот ќе биде поставена изложба на постери од конкурсот за изработка на плакати на тема „Parlez-vous fran-sci?“, која Наука за деца ја подготви во соработка со Француски институт во Скопје. За време на конференцијата ќе бидат доделени и наградите за шесте победнички постери.
„Многу сме среќни што оваа година, за првпат во Македонија, на нашата конференција Наука за деца сите деца ќе можат да ја почувствуваат моќта на виртуелната реалност за учење нови работи. Исто така, ќе ги видиме како говорници најталентираните деца кои минатата година добија стипендии, а ќе ги наградиме за талентот и креативноста и децата кои оваа година најмногу се истакнаа на нашите конкурси и натпревари“, вели Драгана Стикова, Директорката на Фондација Кантарот.
Целта на фондацијата Кантарот со организацијата на конференцијата Наука за деца, како и со сите други активности, е популаризација на науката кај децата.
„Фондацијата континуирано работи на негување на талентот кај децата и поттикнување на љубовта кон науката, како и на културата на донирање од заедницата за заедницата – начин на кој е финансиран и овој настан“, наведуваат од фондацијата.