Климатски активисти и научници вчера блокираа неколку терминали за приватни летови ширум светот во протест против „луксузното загадување“, пренесува „Euronews“.
Аеродроми во Лондон, Амстердам, Стокхолм беа блокирани од активисти од неколку активистички групации меѓу кои „Scientist Rebellion“, „Extinction Rebellion (XR)“ и „Stay Grounded“.
Протестите се продолжение на првичните аеро-протести кои се случија во понеделникот во Брисел и Севиља, како и протестот на 11 февруари во Лос Анџелес. Вкупно се одржале 23 протести.
„Време е да се забранат приватните летови и да се оданочат редовните летачи. Не можеме да дозволиме богатите да ги ја жртвуваат нашата сегашност и иднина поради нивните луксузирања“ изјавил научникот за глобално затоплување од НАСА, Петер Калмус.
Освен блокирањето на аеродромските влезови, дел од активистите ги запреле и возовите натоварени со аеро-гориво.
Добропознато е дека приватните летови не се добри за животната средина – сепак, тоа не ги сопира богатите и познатите да се фалат со своите летови на социјалните мрежи.
Корисник на платформата „Редит“ успеал да мапира 200 приватни летови од Аризона веднаш по завршувањето на спортскиот настан „Superbowl“ во САД.
Забраната за приватни летови е едно од барањата на здужението „Make Them Pay“, составено од активисти и научници.
Сара Кемпбел од здружението „Extinction Rebellion (XR)“ вели дека горивото за летовите и редовните летачи треба да бидат оданочени.
„Потоа, средствата од данокот треба да бидат искористени за евтин јавен превоз и за климатски репарации на оние кои се најпогодени од климатската криза, а имаат најмал удел во неа“, изјави Кемпбел.
Истражувањата покажуваат дека на овој начин може да се собере 92.8 милијарди евра годишно.
„Тажно е да се сфати дека елитно малцинство на супербогати мега загадувачи се одговорни за поголемиот дел од глобалните емисии од аеропатувањата. Јас сум работничка во авијација“, изјавила Финлај Ешер, инженерка за воздухопловство.
„Но, не можам да седам мирна додека гледам како загадувањата од мојата индустрија продолжуваат да растат и придонесуваат за климатската итност и предизвикуваат катастрофи ширум светот“, додала таа.