Технологијата на „читање“ на мозочните бранови и нивно претворање во движење не е нешто ново – но, група научници од американскиот Национален центар за адаптивни невротехологии и Државниот универзитет на Њујорк одат чекор понатаму и се надеваат дека ќе успеат да создадат автоматско претворање на човечките мисли во дигитален текст.
Нивното истражување, објавено во списанието Frontiers in Neuroscience, сепак е во многу рана фаза. Седум луѓе учествувале во нивниот тест, кој, иако покажал позитивни резултати, барал неколку „трикови“ и екстремни мерки. Најпрво, за компјутерот да стигне до мозочната активност, електродите морале да бидат поставени директно во мозоците на субјектите. Како што може да се претпостави, не е лесно да се најдат кандидати кои ќе се согласат да им бидат отворени мозоците во име на науката, па тимот работел со група пациенти кои боледуваат од епилепсија, на кои електродите им биле поставени во главите за да ги надгледуваат нивните епилептични напади.
Секој од субјектите читал на глас од серија текстови од американската историја, од литературата и од книги за деца, додека компјутерот ја надгледувал нивната мозочна активност. Паралелно, со помош на софтвер кој препознава англиски јазик, биле создадени фонетски ознаки, а компјутерот бил програмиран со ограничен речник, односно не се „обидувал“ да го препознае секој збор.
Добрите вести се тоа што експериментот успеал. Во нивниот заклучок, научниците забележале:
„Приодот кој е прикажан овде може да има важни последици за дизајнот на новите технологии за пренос на податоци од мозокот до компјутерите, затоа што еден ден може да им овозможи на луѓето да комуницираат исклучиво врз база на мозочните сигнали.“
Првите тестови биле изведени офлајн, но научниците веруваат дека во иднина, ќе бидат можни системи кои ќе го поврзат мозокот со интернетот, што може да биде револуционерно откритие, затоа што би им помогнало на луѓето кои боледуваат од некои болести.