Научниците треба да започнат со покажување граѓанска непослушност за да покажат на јавноста колку сериозно ја сфаќаат заканата од климатската криза, порачува група на водечки научници во областа на климата.
„Граѓанската непослушност од научната заедница има потенцијал да пробие низ мноштвото комплексности и конфузија околу климатската криза. Кога оние кои се стручни и имаат знаење од областа се спремни да ги искажат своите грижи на бескомпромисен начин, тоа е особено ефикасно како комуникациски метод. Ова го покажа и Грета Тунберг кога не повика сите нас да дејствуваме како што би дејствувале во време на криза“, стои во статијата објавена во научното списание „Климатски промени на природата“, пренесе Гардијан.
Статијата е напишана од пет водечки климатски научници: Стјуард Капстик, Ерон Тјери, Емили Кокс, Стив Вестлејк и Џулија К. Сајнберг. Шестиот автор е Оскар Берлунд, професор по политички науки на Универзитетот во Бристол чие поле на интерес е граѓанската непослушност и социјалните движења.
Последниве месеци научниците покажаа дека се подготвени да преземат конкретни акции за да го свртат вниманието кон климатската криза. „Научната побуна“ мобилизираше повеќе од 1.000 научници во 25 земји од светот во април, додека во Велика Бротанија повеќе научници беа уапсени поради лепење на научни списанија и своите тела за фасадата на Министерството за бизнис, енергетика и индустрија.
„Она што го кажуваме во статијата е дека вклучување во ваквиот вид на активности всушност може да ја засили пораката дека ова е криза, дека постојат луѓе кои знаат повеќе од било кој колку длабоко сме навлезени во голем проблем и дека преземаат вакви видови акции – ненасилни директни акции и граѓанска непослушност. Ние имаме еден вид на академски авторитет: луѓето не слушаат за она што го зборуваме како научници и станува начин на кој покажуваме колку е сериозна ситуацијата и поради тоа сме присилени да дејствуваме на ваков начин“, објаснува Берлунд.