Тројца научници ја делат овогодишната Нобелова награда за физика која ја добија за нивните револуционерни научни откритија за подобро сфаќање на комплексните физички системи.
Сјукуро Манабе и Клаус Хаселман ја добија наградата за нивните истражувања за климата на Планетата Земја и како луѓето влијаат на неа, додека Џорџо Паризи е награден за неговото откритие на меѓусебното дејство на хаосот и флуктуациите во физичките системи, од атомско до планетарно ниво.
„Комплексните системи се карактеризирани од случајност и хаос и се тешки за разбирање. Овогодишната награда дава признание на новите методи со кои овие системи се опишуваат и се предвидува нивното долгорочно однесување“, соопштија од Нобеловиот комитет.
„Овие откритија демонстрираат дека нашите знаења за климата се базираат на силна научна основа, засновани на ригорозни анализи и опсервации. Овогодишните лауреати придонесоа ние да имаме подлабок увид во во својствата и еволуцијата на комплексните физички системи“, додаваат од Комитетот.
Еден од најкомплексните системи е земјината клима. Манабе демонстрирал како зголемените количини на јаглерод диоксид во атмосферата придонесуваат за зголемување на температурата на површината на Земјата. Во 1960-тите години тој водеше истражување преку кој се развија физички модели на земјината клима и неговите научни трудови поставија основа за развојот на сегашните климатски модели.
Десетина години подоцна, Клаус Хаселман, создал модел кој ги поврзува временските прилики и климата, и преку него дал одговори на прашањето зошто климатските модели можат а бидат веродостојни и покрај тоа што времето е променливо и хаотично. Тој исто така има развиено методи преку кој се докажува дека зголемената температура во атмосферата е резултат на емисиите на јаглерод диоксид.
Париси, пак, има откриено скриени шаблони во хаотичните комплексни материјали. Неговото откритие е еден од најголемите придонеси кон теоријата за комплексни системи. Откритијата овозможуваат да се сфатат и да се опишат многу различни и навидум целосно случајни материјали и феномени, не само во физиката, туку и во други сфери како математиката, биологијата, неврологијата или машинското учење.
Овогодишните лауреати ќе поделат парична награда од околу 900 илјади евра.