Генералниот секретар Антонио Гутереш, изјави дека новиот извештај за климатските промени на Обединетите нации претставува „водич за преживување за човештвото“.
Во него се потенцира дека за избегнување на климатска катастрофа треба да се искористи чистата енергија и технологијата.
Сепак на состанокот во Швајцарија, на кој требаше да се усогласат препораките, климатските научници предупредија дека глобалниот договор за ограничувањето на растот на температурите најверојатно нема да се исполни. Извештајот истовремено подвлекува како брзи намалувања во фосилните горива можат да помогнат во избегнување на најлошите последици од климатските промени.
„Постои прозорец на можност да обезбедиме одржлива иднина за сите нас, но тој прозорец брзо се затвора“, се наведува во извештајот.
Владите претходно се договорија на акција со која треба да се избегне растот на глобалните температури над 1,5 степени целзиусови од пред-индустриската ера, но светот веќе се има загреано на 1,1 степени досега и сега експертите велат дека веројатно ќе се надмине границата од 1,5 степени до 2030 година.
Се очекува дека малите острови во Тихиот Океан ќе бидат најлошо погодени од климатските промени.
„Додека нашите граѓани се раселени од нивните домови и климатските цели не се постигнуваат, индустријата на фосилни горива постига профити во милијарди. Не може да има нови изговори за постојаниот недостаток на акција“, изјави претседателот на Алијансата на мали островски држави, Фатаманава о Уполу III Др. Паулели Лутеру во одговор на извештајот.
Извештајот е изработен од Меѓувладиниот панел за климатски промени – научно тело кое ги советува ОН за растот на температурите, и е договорен од сите вклучени влади. Во него се вклучени сите значителни последици од климатските промени досега и објаснува како ситуацијата ќе станува се` полоша.
До 2100 година екстремните крајбрежни поплави, кои се случуваа само еднаш во 100 години, се очекува да станат појава која ќе се случува секоја година.
Истовремено концентрациите на јаглерод диоксид во атмосферата се на највисоко ниво во последните 2 милиони години. Светот сега е потопол од кога било претходно во последните 125 илјади години, а ќе станува се` пожежок во следната деценија.