Во Велика Британија се откриени два случаи на пренос на коронавирусот од луѓе на мачки, а научниците од Универзитетот во Глазгов тврдат дека и двете мачки, од различна раса и од различни домаќинства, почнале да се чувствуваат лошо откако нивните сопственици се заразиле со Ковид-19, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Студијата, чии резултати беа објавени во списанието „Veterinary Record“, по програма за тестирање на популацијата на мачки, укажува на тоа дека нема докази дека имало пренесување во спротивна насока, од мачки или кучиња на луѓе. Се додава и дека домашните животни немаат некоја значајна улога во епидемиологијата на човековата зараза.
Но, научниците истакнуваат дека тие потенцијално може да бидат еден вид „резервоар на вируси“ и затоа е важно да се продолжи со истражување дали миленичињата можат да бидат фактор за ширење на инфекцијата на луѓето.
„Пренесувањето на вирусот од животни на луѓе во моментов претставува релативно низок ризик за јавното здравје. Но, со намалувањето на бројот на инфекција меѓу луѓето, можноста за пренесување кај животните ќе стане поважна како потенцијален извор на враќање на вирусот меѓу луѓето. Затоа, клучно е да се подобри нашето разбирање за тоа дали изложените животни можат да играат било каква во пренесувањето“, рече водечката авторка на студијата, Маргарет Хози.
Инфекцијата најпрво била откриена кај четиримесечното маче наречено Рагдол, кое развило респираторни симптоми откако неговите сопственици се заразиле со вирусот. Ветеринарите не успеаа да го спасат, а обдукцијата покажа дека станува збор за вирусна пневмонија, односно докажа зараза со коронавирусот.
Вториот пример се однесува на шестгодишна сијамска мачка, која исто така била заразена од сопствениците. Нејзините симптоми биле поблаги и мачката успешно закрепнала.
Научниците сметаат дека реалниот број на преноси на коронавирусот од луѓе на животни е всушност многу поголем, бидејќи не се спроведуваат доволно тестирања.
Не е познато дали мачките заразени може да го пренесат вирусот и на други животни.
Од почетокот на пандемијата, случаи со заразени мачки со коронавирусот се забележани во Хонг Конг, САД, Франција и Шпанија.
Се претпоставува дека во сите случаи, мачките биле заразени од нивните сопственици.