Глобалната студија на научници од Универзитетот Стенфорд која користела податоци од смартфони за да се следи нивото на активност на стотици илјади луѓе низ светот довела до интересно откритие. Во земјите со мала гојазност, луѓето дневно чекореле во слични бројки, но големите разлики помеѓу оние кои чекореле многу и оние кои чекореле малку се поврзани со многу повисоки нивоа на гојазност.
Во просек најмногу чекорат во Хонг Конг со просечни 6880 чекори дневно, додека на дното на листата е Индонезија каде граѓаните прават по 3513 чекори дневно.
Од анонимните податоци на преку 700.000 луѓе, од 111 држави, добиени преку смартфоните кои имаат вградени педометри, научниците пресметале дека просечно луѓето прават по 4961 чекори дневно.
„Студијата е 1000 пати поголема од било која претходна студија на движењето на човекот. Направени се одлични здравствени анкети, но нашата студија обезбедува податоци од повеќе држави, многу повеќе лица и ја следи активноста на луѓето секојдневно. Ова отвора врата за нови начини на кои може да се врши научна дејност на многу поголем примерок од било кога претходно“, изјавил за ББЦ Скот Делп, професор по биоинженерство и еден од истражувачите.
Сознанијата, објавени во списанието „Nature“ и авторите на студијата велат дека резултатите им дале важни податоци за подобрување на здравјето на луѓето.
Просечниот број на чекори во земјата не било толку важно за нивото на гојазнос. Но, важно било „нерамномерноста во активноста“ – нешто слично на „нерамномерноста во богатството“, само што разликата се прави помеѓу здрави и мрзливи, наместо меѓу богати и сиромашни.
Колку поголема е нерманомерната активност, толку повисоки биле нивоата на гојазност.
„На пример, Шведска има еден од најмалите разлики помеѓу најмалку активните и најмногу активните, истовремено има и најмали нивоа на гојазност“, вели Тим Алтхов, еден од авторите на студијата.
САД и Мексико имаат слична бројка на просечни чекори дневно, но САД има поголема нерамномерност во активноста, како и повисоки нивоа на гојазност.
Научниците биле изненадени дека нерамномерната активност најмногу била предизвикана од разликите помеѓу мажите и жените. Во земји, како Јапонија – со мала гојазност и мала нерамномерност – мажите и жените вежбале на слично ниво. Но, во државите со висока нерамномерност, како САД и Саудиска Арабија, жените повеќе време биле неактивни.
„Кога нерамномерната активност е највисока, активноста на жените е намалена многу подраматично отколку кај мажите, па така и негативната поврзаност со гојазноста може да ги засегне повеќе жените“, објаснува Јуре Лесковец, кој исто така бил дел од истражувачкиот тим.
Инаку, според 46-те земји кои биле анализирани, покрај Хонг Конг кој е на првото место, луѓето најмногу во просек чекореле и во Кина, Украина, Јапонија, Русија и Шпанија. На дното на листата се наоѓаат Катар, Јужна Африка, Филипини, Малезија, Саудиска Арабија и Индонезија на последното место.