Научниците се приближија до „Биг бенг“ – регистриран моментот на создавање на првите ѕвезди

Астрономите регистрирале сигнал од првите ѕвезди кои биле создадени и кои го осветлиле универзумот, во научно откритие кое се смета за најголема револуција по откривањето на гравитационите бранови во 2015 година.

Слабите радио-сигнали упатуваат на тоа дека универзумот за прв пат бил осветлен од целосната темница 180 милиони години по „Биг бенг“ во моментот на транзиција познат како „космичка зора“.

Регистрираниот сигнал, оставен од светлоста на првите ѕвезди најверојатно содржат и нови и неочекувани докази за постоењето и природата на темната материја, кои доколку бидат потврдени од независни обсерватории, можат да претставуваат дополнително големо научно откритие.

„Наоѓањето на овој малечок сигнал отвори нов прозорец кон раниот универзум. Тешко е дека ќе можеме да видиме нешто порано во историјата на создавањето на ѕвездите во нашиот животен век“, вели Џуд Боуман од Универзитетот на Аризона, од каде ги направиле потребните услови за регистрирање на сигналот пред повеќе од една деценија.

По „Биг бенгот“, кој го означува почетокот на универзумот, тој првично се состоел од ладно ширење на водород, без ѕвезди, покрај радијацијата позната како „Космичко микробраново позадинско зрачење“. Оваа радијација сè уште се протега низ целата вселена и астрономите почнуваат да ја проучуваат оваа космичка позадина за траги на настани кои се случиле во самите почетоци на универзумот.

Во практика, сепак, регистрирањето на овој сигнал се покажал како многу сложен и претставувал тешкотија за научниците повеќе од деценија.

„Тимот мора да ги собере радио-брановите и потоа да бара сигнал кој е околу 0,01% од целиот радио звук кој доаѓа од нашата галаксија. Се работи за барање на игла во стог сено“, вели Ендрју Понтцен, космолог од Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Боуман и колегите од Универзитетот во Аризона овој проблем го надминале со користење на мал инструмент, со големина на масичка, сместен во пустите предели на Западна Австралија, каде не постојат други човечки извори на радио-бранови кои би ги нарушувале сигналите кои пристигаат од далечниот универзум. Брановата должина на сигналот упатила на тоа дека „космичката зора“ се случила 180 милиони години по „Биг бенг“, пред 13,6 милијарди години. Сигналот истовремено покажал и втор момент, 250 милиони години по „Биг бенг“, кога раните ѕвезди се изгаснале и црните дупки, супер-новите и други објекти кои останале го загревале останатиот слободен водород со икс-зраци.

Откритието е објавено во списанието „Nature“, во кои Боуман и колегите детално го објаснуваат експериментот и начините на кој докажале дека сигналот е вистински, преку повеќе години повторувања, менување на аглите на антената и промени во прилагодувањата.