Осудениот руски опозициски лидер Алексеј Навални изјави дека бил префрлен од самица во мала ќелија, за еден маж, пренесува Н1. Навални беше префрлен во самица на 1 ноември, но таму можеше да биде задржан само 15 дена, се наведува во објавата на неговиот Инстаграм профил.
Во објавата се наведува и дека просторијата во која сега е тој е „обична тесна ќелија“, односно како самица, со таа разлика што може да има две книги наместо една и да го користи затворскиот киоск, „иако со многу ограничен буџет“.
46-годишниот Навални, најистакнатиот противник на рускиот претседател Владимир Путин, отслужува деветгодишна затворска казна во затвор со максимална безбедност на 250 километри источно од Москва.
Тој беше уапсен во јануари 2021 година, откако се врати од Германија, каде што помина пет месеци закрепнувајќи од труењето со нервен агенс што го обвинува Кремљ. Тој беше осуден на две и пол години затвор за наводно прекршување на условната казна додека бил надвор од Русија.
Во март 2022 година, Навални беше осуден на девет години затвор за измама и непочитување на судот, што тој го опиша како политички мотивиран обид на руските власти да го задржат зад решетки што е можно подолго.
Втората пресуда против Навални беше донесена во времето на острата пресметка на Кремљ со неговите противници, други опозициски активисти и независни новинари.