Високи 63% од граѓаните сметаат дека говорот на омраза во спортот се појавува многу често. Ваквата појава најмногу ја забележуваат највозрасните испитаници (68%), испитаниците на возраст од 30 до 49 години (69%), како и оние со високо образование (69%). Помладите пак, кои се и најредовни посетители на спортските натпревари, го забележуваат говорот на омраза во спортот во помала мера (55%). Ова се само дел од наодите на истражувањето за говорот на омраза во спортот, што го спроведе агенцијата „Рејтинг“ за потребите на Безомразно.мк и Македонскиот институт за медиуми.
Според истражувањето, речиси половина од анкетираните сметаат дека во изминатите години говорот на омраза во спортот се зголемува, а околу една третина се изјасниле дека е на исто ниво. Најголема одговорност за постоењето на говор на омраза во спортот испитаниците лоцираат кај самите навивачи (88%), а потоа следат политичките партии (69%), администраторите на Интернет (57%), спортските судии (52%) и спортските новинари (51%).
Исто така, истражувањето покажува дека ненавивачите во многу повисок процент (76%) забележуваат говор на омраза во спортот, во споредба со навивачите (61%), односно оние кои ја поддржуваат навивачката група на клубот што го симпатизираат. Говорот на омраза најмалку го регистрираат младите навивачи.
Најголем дел од испитаниците (44%) сметаат дека во спречувањето на говорот на омраза на спортските настани најмногу може да придонесат водачите на навивачките групи, па потоа медиумите (13%), полицијата (12%), раководствата на спортските клубови (11%), судиите(3%) итн. Високи 75% од испитаниците сметаат дека говорот на омраза на спортските терени треба да се третира како кривично дело.
Ралични ставови има и во однос на препознавањето на називите во делот на говорот на омраза.
Истражувањето за говорот на омраза во спортот се спроведе на 6 март 2014 година, преку телефонско анкетирање на 800 испитаници кои следат македонски спорт, со репрезентативен опфат на сите етнички заедници, урбани и рурални средини во Република Македонија. Статистичката грешка за овој вид истражувања изнесува од -3.5 до +3.5%.
Извор: Безомразно.мк