На фудбалскиот терен на гимназијата „Орце Николов“ во Скопје во присуство на повеќе од 60 атлети и 40 тренери, волонтери и членови на семејствата од Скопје, Тетово и Штип вчера заврши одбележувањето на 21 – та Европска фудбалска недела на Специјална олимпијада, која годинава се одржа во рамки на Европската недела на спорт.
Од 23 до 30 септември, илјадници атлети од цела Европа, учествуваат на Европската фудбалска недела на Специјална олимпијада (European Football Week 2021) поддржана од УЕФА.
„Лицата со интелектуална попреченост, исклучително сериозно страдаа за време на пандемијата со Ковид 19 и покрај вообичаената маргинализација која ја имаат од заедницата, пандемијата дополнително ги затвори и им ги скрати можностите за интеракција, образование, работа и живот. Ние за прв пат, имавме можност вистински да ја осознаеме нивната состојба и што е тоа ограничување, храброст и солидарност, па затоа со огромно задоволство им посакуваме „Добредојде назад на терените“, за да можат да си го искусат повторно, спортот, образованието и активностите кои ги сакаат“, вели Драган Караџовски, национален директор на Специјална олимпијада Македонија.
Заедно со помош на УЕФА, 30 национални фудбалски федерации и 30 фудбалски клубови се придружуваат со активностите како дел на Европската недела на спортот, на иницијатива на Европската комисија, која што се случува паралелно со Европската фудбалска недела.
Специјална олимпијада Македонија во земјава е формирана во 2003 година под акредитација на Специјална олимпијада, која е основана од Јунис Кенеди Шрајвер во 1968 година и денес брои 6 милиони атлети и јунифајд партнери во 190 земји ширум светот.
Под мотото „Дозволи ми да победам, а ако не можам, дозволи ми да бидам храбар во обидот“ организацијата во земјата ја остварува својата мисија, а тоа е да овозможи спортски натпревари и тренинзи во различни олимписки спортови за деца и возрасни со интелектуална попреченост, давајќи им постојани можности да ја развијат физичката кондиција, да покажат храброст, искусат радост и да учествуваат во споделување на вештини, знаења и пријателства со нивните семејства и останатите атлети на Специјална олимпијада и заедницата.