Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) денеска предупреди дека е забележана појава на фалсификувани банкноти од 2.000 денари, за што било известено и Министерството за внатрешни работи. Со цел заштита на граѓаните и правните лица, оттаму укажуваат на начинот на кој може лесно да се провери дали станува збор за фалсификувана банкнота.
„Појавениот тип на фалсификат е изработен на обична (комерцијална), двослојна хартија којашто при допир значително се разликува во дебелината, цврстината и еластичноста во однос на оригиналната хартија на која се изработуваат банкнотите. Покрај тоа, оригиналните банкноти содржат високософистицирани заштитни елементи според кои граѓаните можат да направат разлика и да ја препознаат нивната автентичност“, се вели во соопштението на НБРСМ.
Од НБРСМ велат дека фалсификуваната банкнота може многу лесно да се препознае доколку се обрне внимание на основниот заштитен елемент, отпечатен со оптички варијабилна боја, којшто се наоѓа на горниот средишен дел на предната страна на банкнотата.
„Овој елемент кај фалсификуваната банкнота воопшто не ја менува бојата со придвижување на банкнотата, додека кај оригиналните банкноти, со придвижување на банкнотата под одреден агол, може да се воочи како се менува неговата боја од зелена во сина и низ елементот се појавува светлозелен прстен којшто симулира ефект на движење, како што е прикажано на следнава слика“, објаснуваат тие.
Особено впечатлива е имитацијата на заштитниот конец, додаваат од Народната банка, за кој велат дека е вметнат помеѓу двата слоја хартија со видливи засеци и со придвижување на банкнотата создава лажен впечаток на делумно менување на боите.
Исто така, од НБРСМ велат дека фалсификуваните банкноти може да се препознаат доколку се обрне внимание на водениот печат.
„Водениот печат кај овој тип фалсификат е имитиран со нанесување на основниот мотив со нијанса на жолтеникава и сива боја и е видлив, додека кај оригиналните банкноти е видлив единствено доколку ја поставиме банкнотата под извор на светлина“, објаснуваат тие.
Од НБРСМ порачуваат доколку граѓаните забележат фалсификувана банкнота, треба да се обратат до банките или до Министерството за внатрешни работи, коишто понатаму ќе постапат