„Оддолжување на активностите нема, се работи систематски на утврдување на локациите, при што се согледуваат сите аспекти во смисла на пристапност на теренот, составот на тлото, видовите на садници прикладни за просторот, ерозивните подрачја, водотеците и ред други околности од областа на предметот на програмата. Изминатиов период се работеше и на студија за пошумување од страна на Шумарски факултет во целиот овој период, а се чекаше и на сезона која е поволна за садење за да се спроведува истото“.
Ова е одговорот на Град Скопје до Радио МОФ за тоа зошто се оддолжи пошумувањето на Водно, кое беше усвоено од Влада уште од август 2018, пред повеќе од две години, а притоа беа издвоени околу 43 милиони денари (700.000 евра) преку Македонски енергетски ресурси (МЕР) до наменска сметка на Град Скопје, за да се компензираат штетите од гасоводот.
Токму нереализираното пошумување на Водно, на скопските бели дробови, беше критикувано на повеќе пати од еко-активистите. „Го сакам Водно“ реагираа дека гасоводот е закочен, шумата е исечена и раскопана од машинерија, а на владините средства за обнова на уништената шума – им се губи трагата.
Револтот на еко-активистите е дотолку поголем што уште има нејаснотии и контадикторни јавни информации за тоа кога и какви „туристичко-рекреативни содржини“ ќе се прават на Водно, колку тие ќе го чинат Градот, и дали притоа ќе се „делкаат“ средствата за обновата од гасоводот.
Од Град Скопје велат дека финансиската конструкција за рекултивација и пошумувањето на Водно се уште е во изготовка за четири приоритетни локации. Додека, за системи за детекција за пожари се издвоени 14.610.000 денари (236.903 евра) од наменските (700.000 евра) од МЕР.
„Според Програмата за рекултивација, пошумување и уредување со парковско-инфраструктурни содржини во Парк-шумата Водно од наменските средства од МЕР, утврдени се приоритети на пошумување и рекултивација на 4 (четири) локации, и тоа Локација ‘Долг Рид’- локалитет 1 и ‘Долг Рид’- локалитет 2, локација 3 – под ‘Маркова Крушка и локација 4 – Теферич ‘овоштарник’ во вкупна површина од 8 (осум) хектари. Локациите за приоритетно пошумување се направени врз основа на итната потреба од реакција за зачувување и унапредување на животната средина, особено шумите, во околината на Градот Скопје, како и прилог кон зголемување на безбедноста од ерозијата и поројните поплави. Втор приоритет од програмата е изведба на системи за далечинска детекција на пожари на целата површина на Парк – шума Водно“, се вели во одговорот од Град Скопје.
Ангажираниот експерт за пошумувањето на Водно, Бојан Симовски, во допис до Радио МОФ објаснува за изборот на локациите, садниците, но и дека кон крајот на минатата година требало да се осмисли проектот и започне со реализација на активностите, но од различни причини тоа не се случи.
„Средствата за целокупното компензирање на работите со гасоводот на дел од трасата којашто минува низ Водно може да се доволни, а може и да не се, секако зависно од планираните активности за пошумување, односно противерозивно уредување од Градот“, посочува Симовски.
Според универзитетскиот професор по дендрологија, доколку треба да се преземат и сериозни биотехнички и геотехнички мерки за стабилизирање на земјиштето и заштита на ерозивните подрачја, какви што се утврдени и на Водно и може да претставуваат закана за здравјето и животот на граѓаните при поројни појави, средствата секако дека не се доволни.
За Симовски, тоа се нешта кои се решаваат во сеопфатна и длабока анализа на повисоко рамниште. Доколку пак, вели тој, Градот во своите програми предвидува активности кои се од интерес за посетителите на парк-шумата, во склад со постојните вредности, со претходно постигната согласност од сите засегнати чинители и неопходна потреба за унапредување на просторот, секако дека има простор за размислување.
„Но, тоа треба да е плански оправдано и без значително нарушување на доделените наменски средства, односно издвојување посебни средства или брзо надополнување на ‘позајмените’ средства, ако за тоа се јави издржана моментална потреба“, забележува тој.
Градските власти лани потрошија околу 20.000 евра (1.230.000 денари) за изработка на Студија за туристичко-рекреативен центар (ТРЦ) Водно.
Во документот „Идејно решение за планината Водно“ има проекција на обем на инвестиции од 1.915.000 евра, меѓу кои и повеќе патеки за планински велосипедизам, адреналински парк, т.н. „област за авантуристички врв“, адаптација и одржување на пешачка патека, параглајдирање, Даунхил забавен парк…
Од Градот, сега тврдат дека таа Студија не е поврзана со компензацијата за штетите од гасоводот и наменските средства (700.000 евра) од Влада/МЕР.
„Се работи за студија за развој на туристичко рекреативен центар – Водно и сите износи наведени во истата се проекција која што служи како водич за понатамошните дејствија. Секоја содржина која што е планирана да се реализира е претставена во Буџетот на Град Скопје за соодветната година, како и Планот за јавни набавки на Град Скопје“, велат од Градот.
Ако се погледне ребалансот од октомври на градскиот Буџет 2020, таму стои дека се одземаат 1 милион денари од планираното уредување на просторот на Парк-шума Водно. Исто така, 4 милиони денари од посебен план за заштита и унапредување на Парк-шумата, но и 3,5 милиони од трим патеките за Водно, Гази Баба, Чаир и Парк Македонија 1 и 2.
Истовремено, со ребалансот се додадени 2 на 6-те милиони (вкупно 8 милиони) за „Проектирање и изведба на велосипедски патеки на Водно“. Понатаму, сега градските власти издвојуваат и 2,5 милиони денари за „Изработка на основен проект и проектна документација за изведба на содржини од Студија за туристичко-рекреативен центар (ТРЦ) Водно“. Има и 15 милиони денари за „ревитализација на Парк-шума Водно“.
Град Скопје веќе најави дека од тие 2,5 милиони (40.883 евра) за туристичко-рекреативен центар, двапати по 460.000 денари (вкупно 15.023 евра) ќе се наменат за проектирање и изведба на две велосипедски патеки – „Flow“ Средно Водно и „Enduro“ Крстовар – Средно Водно.
Од ова излегува дека тие истовремено се планирани и преку градскиот Буџет, но и преку изгласаната Програма за рекултивација, пошумување и уредување на Водно, каде се наведени во делот на „парковско-инфраструктурни содржини“.
Односно, преку Програмата која произлезе токму од договорот за компензација на штетите од гасоводот меѓу МЕР и Град Скопје, со вредност од 700.000 евра.
Јавноста знае за првата т.н. „пионерска“ патека на Водно, од подножјето до Средно Водно. Пуштена беше на почеток на октомври. Според Градот, таа е резултат на соработката помеѓу Град Скопје и Европската комисија, и истата е финансирана преку проект на Советот за регионална соработка и Град Скопје.
„Патеката е дизајнирана и изведена од Alliance ASE од Љубљана, Словенија. За останатите две патеки очекуваме деновиве да започнат постапките за јавна набавка и истите се надеваме да бидат спремни следнава пролет“, велат од Градот.
Радио МОФ пишуваше дека истата фирма ЈУМАК-Киро ДООЕЛ лани доби тендер за изработка на Студијатата на туристичко-рекреативен центар (ТРЦ) Водно, а годинава фирмата се јавува и како носител на јавната набавка за „дизајн и изведба на велосипедска патека“, во истиот ТРЦ Водно што самата го осмисли. Исто така, ЈУМАК-Киро ДООЕЛ се јавува и како донатор на „Техничка документација за детално планирање и спецификација за поставување на реквизити за развој на детска моторика на планината Водно“. Ваквата донација од 5.328 евра (328.158 денари) ја изгласа Советот на Град Скопје на 27 октомври.
Град Скопје прави вело-патеки и реквизити на Водно, планираното пошумување во застој
Бојан Шашевски