Ниту еден од предложените 23 амандмани на Предлог-Законот за инспекциски надзор во животната средина, предложени од Граѓанскиот инспекциски совет и на Алијансата „Разбистри сè“, не е прифатен, пренесува Мета.мк.
Меѓу другите, дел од законот нема да станат и барањата инспекторите да имаат опрема и да вршат индикативни мерења на загадувачките супстанции, пасивно да дежураат за викенд и ноќе, задолжително да користат листи за проверка, како и амандманот за надзорот над работата на локалните инспектори да го врши Државниот инспекторат и Инспекцискиот Совет, а не комисија во Министерството за животна средина.
Граѓанските организации се незадоволни што во долгоочекуваниот правен акт нема да влезат суштински одредби кои треба да придонесат за поефикасна и потранспарентна работа на инспекторите за животна средина. Активистите од „О2 Иницијатива“ велат дека Собранието за два дена разгледало педесетина амандмани на овој закон, и усвоило неколку, но ниту еден предложен од коалициите зад кои стојат 35 граѓански организации, високообразовни институции и експерти.
„Не се усвои пасивното дежурство на инспекторите после работно време и за време на викенди и празници кога има бројни инциденти, да може да постапат кога други инспекции потфрлаат, а се загрозува животната средина, како и да имаат опрема и да вршат индикативни мерења на загадувачките супстанции“, пишуваат од „О2 Иницијатива“.
Собранието не го усвои ниту предлогот инспекторите задолжително да користат листи за проверка, на веб страната да се објави база на податоци со инспекциските акти со можност за пребарување по различни параметри, како и да има прекршочни санкции доколку не се објават инспекциските акти, опомени, решенија, извештаи, стратешките и месечни планови и програми. Предлог од граѓанските коалиции кој нема да стане дел од законот било и барањето надзорот над работата на локалните инспектори за животна средина да не биде од некоја Комисија при МЖСПП.
„Ние како граѓански сектор повеќе од една година даваме свои предлози во текот на изработката на новиот закон. Добар дел од нив во тој процес беа прифатени и сега се дел од текстот на законот. Една од суштинските работи кои успеавме да ги издејствуваме беше координацијата во работата меѓу државните и општинските инспектори. Исто така задолжителни станаа и стандардните оперативни процедури во работата на инспекторите“, вели Лилјана Поповска од Граѓанскиот инспекциски совет.
Сепак, во новиот закон нема задолжение за користење на листи за проверка, унифицирани и јасни формулари кои треба да допринесат за унифицирање на процедурата, која треба да ја следи секој инспектор при проверка во субјект на надзор. Инспекторите исто така нема да добијат и пристап до лаборатории кои ќе можат да ги ангажираат при секој надзор и преку кои ќе добијат можност за земање на примероци во реално време и докажување на евентуално загадување.
Граѓанските активисти се незадоволни и што надзорот на работа на општинските инспектори нема да го прави ДИЖС, иако заеднички ќе ги изработуваат годишните програми и стратегии за работа, како и што надзорот над работата на државните инспектори нема да го прави Инспекцискиот Совет. Контролор на работата на сите инспектори ќе биде комисија од Министерството, што за екологистите не е логично.
„Сметаме дека ова е еден од најголемите недостатоци на законот. Излегува дека две институции се прескокнуваат како да не постојат, а записниците од инспекциските контроли ќе ги читаат луѓе кои ниту учествувале во создавањето на плановите и стратегиите, ниту пак имаат искуство од одење на терен. Ова повторно остава простор за коруптивности и неодговорно и произволно работење“, вели Поповска.
Извор: Мета