Пораки со говор на омраза осамнаа на муралот кој е исцртан на фасадата на киното „Партизан“ во Битола, кој беше направен за да промовира заедништво. Муралот кој беше промовиран вчера, за отворањето на јубилејното 15-то издание на АКТО фестивалот за современа уметност, ја пренесува „Песна за солидарноста“ на Бертолт Брехт. Неполни 24 часа подоцна, во текот на ноќта, со црна боја е испишана порака со говор на омраза.
Муралот е направен од КУРС колективот од Белград, а неговата изработка е во продукција на Факултет за работи што не се учат (ФР~У), во партнерство со Народен Театар Битола, со него се праќа пораката „Црни, бели, калеши, жолти, заборавете на старите кавги. Штом муабет почнете со луѓето здружни, набрзо сите ќе бидеме сложни”.
Од АКТО преку нивната Фејсбук страница посочија дека ќе продолжат да се борат за праведно општество за сите.
„За жал, сведоци сме дека општеството се уште е загадено с онационализам и нетрпеливост кон различностите. Ги повикуваме надлежните да ги пронајдат сторителите на овој вандалски чин“, повикаа од АКТО.
Како што посочија вчера, мурали ќе се сликаат и во Скопје на Домот на култура во Ченто, но и во Гевгелија, Прилеп, Штип, Велес и Кочани.