Не можеме да ги елиминираме дезинформациите, но можеме да се бориме против нив

Дезинформациите и лажните вести ја искривуваат реалноста, тие имаат и негативни последици и влијанија врз општеството. Меѓутоа, со вистинско новинарство и свесно општество кое знае да ги препознае лажните вести, борбата против дезинформациите е полесна. Ова, меѓу другото, беше истакнато на регионалната конференција „Лажните вести – искривување на реалноста“ која се одржа во Тетово во организација на „Ротари“ клубот од Тетово во соработка со Фондацијата Метаморфозис, пишува Порталб.мк.

Во време кога дезинформациите се шират многу брзо на различни платформи, проверката на фактите е една од најважните алатки со чија помош новинарите треба да се справат со нив. Проверката на фактите е исклучително важна, како за создавање на квалитетно новинарство според професионалните стандарди, така и за развој и создавање на добро информирано општество.

Своите искуства ги споделија најпознатите имиња на новинарството и граѓанското општество на албанското говорно подрачје, но и пошироко. Тие објаснија што всушност е проверка на факти, како се прави и најважното, зошто „сите треба да бидат проверувачи на факти“.

Бардил Јашари, директор на Фондацијата за интернет и општество “Метаморфозис“ говорејќи за работата на организацијата на чие чело е тој, што се однесува на борбата против дезинформациите нагласи дека денес лажните и пропагандните вести се насекаде и дека истите се шират многу брзо. Како пример тој го спомна циркуларното известување.

„Ако една вест/дезинформација е направена од порталот X, истата ја презема порталот Y, потоа порталот Z, и повторно изворот на лагата (во овој случај порталот X) ја зема и ја повторува истата лага и при тоа ги цитира другите портали. Ова циркуларно известување претставува важен проблем“, рече Јашари.

Бардил Јашари (директор на Фондацијата Метаморфозис) на Конференцијата: Лажните вести: искривување на реалноста. Фото: Фисник Џелили/ Порталб.мк

Тој, меѓу другото, рече дека сите се соочуваме со дезинформации и лажни вести кои имаат зли намери, каде што авторите кои стојат зад дезинформациите користат различни алатки и злоупотребуваат различни ресурси за да ги постигнат своите злонамерни цели.

„Обидете се да бидете добро информирани наместо едноставно само да имате став. Како да се заштитиме? Има еден трик, основата на целата пропаганда за лажни вести се заснова на три или четири работи, или те забавува, или те лути, шокира или ужаснува. Ако наидете на таква информација која кај вас ги буди овие чувства, застанете, паузирајте и проверете. Прашајте, побарајте експертиза, проверете ги прашањата за кои се сомневате“, порача Јашари.

Една од причините зошто денес имаме толку многу дезинформации е поврзана со непрофесионалното новинарство. Ова го кажа Елида Зилбеари, главен уредник на порталот Порталб.мк и Вистиномер.мк на албански јазик.

„Професионалното новинарство има важна улога во борбата против дезинформациите, затоа и е важно новинарите да бидат внимателни и да користат проверени извори за да произведат важни и вистинити вести. Проверката на фактите мора да се направи пред да се објави веста“, рече Зилбеари.

Таа објасни за разликата помеѓу погрешното информирање, дезинформациите и злонамерното информирање.

„Погрешното информирање е ненамерна грешка која може да биде каков било технички или текстуален пропуст.  Дезинформациите се намерно измислени или манипулирани содржини, теории на заговор или намерно креирани гласини. Додека пак злонамерното информирање е намерно објавување на приватни информации за различни и нејавни интереси“, рече Зилбеари.

Таа истакна дека во Северна Македонија дезинформациите може да се поделат во две групи, оние што се создаваат во земјата главно од политичари или политички партии и оние кои што потекнуваат од странски земји, како што е Кина и Русија.

„Порталите имаат различни агенди. Истражувањето на Метаморфозис покажа дека партиите се извор на дезинформации и тие се оние кои секогаш пред избори ги отвораат своите портали, но оваа практика ја продолжуваат и по изборите. Тие ги промовираат овие дезинформации, манипулации, пропаганда која звучи многу добро во ушите на нивната публика и потоа ја шират“, рече Зилбеари.

Елида Зилбеари (главен уредник на Порталб.мк) на Конференцијата: Лажните вести: искривување на реалноста. Фото: Фисник Џелили/ Порталб.мк

Што се однесува на дезинформациите и пропагандните кампањи од странство, таа нагласи дека тие главно доаѓаат од Русија и Кина и имаат зли намери.

„После пандемијата имаме дезинформации за руската агресија врз Украина. На Балканот, центарот е Србија, од каде што истите информации се слеваат и кај нас, се преведуваат и потоа им се додаваат и други елементи, како што е вметнувањето на локалните елементи во пропагандата на Кремљ. Еден од трендовите е да се покаже дека демократијата не функционира, да не се верува во демократски институции и да се создаде еден вид хаос за тоа што е вистина, а што не е. Кога се вметнуваат локални елементи потешко е да се препознае како пропаганда“, рече Зилбеари.

Таа напомена дека дезинформациите се крајно опасни кога доаѓаат од малициозни надворешни актери, бидејќи тие влијаат на стратешките цели на земјата, како што се ЕУ или НАТО. За ова, Зилбеари објасни како Метаморфозис им се спротивставува на дезинформациите преку податоци, технологија и проверка на факти.

И Косово се соочува со слични предизвици. Јета Џара, директорка на Балканската мрежа за истражувачко новинарство во Косово и главен уредник на Kallxo.com, нагласи дека според едно истражување кое што тие неодамна го спровеле, откриле дека руската и кинеската пропаганда има влијание и во Косово.

„Во Косово најголемите наративи главно се насочени кон антагонизирање на албанската заедница со српската заедница, тие имаат за цел да ги зголемат уште повеќе стравовите на луѓето. Еден од главните наративи од Русија е дека Албанците сакаат да го испразнат Косово од Срби. Друг наратив е претставувањето на ЕУ како антисрпска. Кинеската пропаганда што ја детектиравме на Косово е главно насочена кон ширење на многу дезинформации кои имаат врска со економијата, промовирањето на антиамерикански наратив и наратив во врска со јавното здравје. Кинеските извори поддржуваат еден вид дезинформации во здравството“, рече Џара.

Јета Џара (директорка на Балканската мрежа за истражувачко новинарство во Косово и главен уредник на Kallxo.com) на Конференцијата: Лажните вести: искривување на реалноста. Фото: Фисник Џелили/ Порталб.мк

Меѓутоа, таа нагласи дека и самата земја е производител на лажни вести.

„Тие имаат врска со етничките наративи кои веројатно се и дезинформации за јавните профили и сè уште остануваат еден од главните дезинформациски наративи, стигматизирањето на политичките лидери дека направиле голем компромис со Србија и српските лидери кои се прикажани како некој што прави големи компромиси со Приштина. Ова го имаме и од двете страни“, нагласи Џара.

Таа, меѓу другото, рече дека општеството е многу чувствително на дезинформациите и дека со многу мала инвестиција луѓето можат да се уверат во невистини.

Од Албанија, Клодијана Капо – директорка на платформата за проверка на факти Faktoje.al. говорејќи за медиумите во Албанија истакна дека најголемиот проблем на нашите земји се полувистинитите вести, оние кои ја затруле вистината.

„Во Албанија ситуацијата е потешка бидејќи за време на комунизмот била изолирана долго време. Ние сме земја со кревка демократија. Тешко е да се биде новинар со интегритет. Една од работите за кои се бориме е проверката на податоците, што треба да биде основа на секој новинар“, рече Капо.

Клодијана Капо (директорка на платформата за проверка на факти Faktoje.al.) на Конференцијата: Лажните вести: искривување на реалноста. Фото: Фисник Џелили/ Порталб.мк 

Таа објасни дека во Албанија дезинформациите доаѓаат во различни форми. Во Албанија доаѓаат од политиката, од различни актери на нашето општество, од внатре. Кажа дека од неодамна доаѓаат и однадвор, односно дека дезинформациите главно ни доаѓаат од Србија.

Капо напомена дека во Албанија има околу 900 портали, од кои повеќето се копи/пејст и се користат од политичарите за ширење на дезинформации и пропаганда.

„Медиумите, барем во Албанија, ја губат својата основна цел, се финансираат од пари кои доаѓаат од политиката. Мислам дека лажните вести или полувистините се многу голем социјален проблем бидејќи ја губиме довербата во медиумите и институциите, барањето на нашите права кои на крајот ни го подобруваат животот“, рече Капо.

Но, таа нагласи дека со точни податоци и точна евиденција може да се направи промена.

Домаќинот на конференцијата, претседателот на Ротари клубот од Тетово, Мислим Хасипи истакна „дека колку лажните вести влијаат на нашето секојдневие, покажува вашето присуство овде и интересот за оваа тема“.

Меѓу другото беше истакнато и дека дезинформациите предизвикуваат општествена конфузија и имаат за цел да ја нарушат довербата на граѓаните во институциите во државата, па дури и да влијаат на процесите кога се носат важни општествени одлуки.

Дискусијата исто така се фокусираше и на тоа колку е важно воведувањето на медиумската писменост во училиштата, правописните грешки на медиумите кои можат да ги извадат вестите од контекст. Говорниците истакнаа дека државните институции треба да бидат максимално транспарентни со новинарите и медиумите, да ги дадат сите информации што ги бараат бидејќи на тој начин ќе им служат на граѓаните, и дека институциите ги одолговлекуваат одговорите.

Учесниците исто така беа информирани и за алатките и методологиите што ги користат новинарите за да обезбедат точност при нивното известување, за главните дезинформациски наративи во Македонија и светот, за тоа како да се потврди исполнувањето на ветувањата од страна на локалните и националните власти и за улогата на медиумската писменост.

Порталб.мк