Невладините организации кои се дел од Блупринт групата за реформи во правосудството преку јавна реакција изразија загриженост од вчерашните тензични настани во Судскиот совет на Северна Македонија кога на седницата беше разрешена претседателката Весна Дамева.
Според Блупринт групата ниту во Законот ниту во Деловникот на Судскиот совет нема предвидено постапка за разрешување на претседател на оваа институција и побараа од членовите на Советот да го преиспитаат своето постапување.
Нивната реакција во продолжение ви ја пренесуваме во целост:
„Блупринт групата за реформи во правосудството ја изразува својата загриженост околу ескалирањето на состојбата при утврдувањето на дневниот ред на вчерашната седница на Судскиот совет на РСМ која заврши со разрешување на претседателката на Советот. Како група која подолго време ја следи работата на Судскиот совет сметаме дека почитувањето на законот при секојдневното работење на една институција треба да се императив во нејзиното работење, а посебно кога станува збор за Судскиот совет, кој ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт согласно Уставот на РСМ, како и да води сметка за законитоста во постапувањето и за владеење на правото. Изненадени сме од постапувањето на одредени членови на Судскиот совет на РСМ кои што инсистирале на внесување на точка на дневен ред и истовремено одлучување по истата без притоа да се почитува Законот за судскиот совет од причина што законодавецот во Законот не предвидел постапка за разрешување на претседател на Судски совет.
Во оваа насока би сакале да укажеме дека недоволното регулирање на одредени законски одредби не значи и несоодветно постапување односно произволно толкување на постоечките одредби. Одговорноста на член на Судскиот совет е предвидена во Законот за судскиот совет, со конкретни одредби за дисциплинска одговорност на член на Судскиот совет со наведување на основите за поднесување на барање за дисциплинска постапка за член на Советот. Понатаму е предвидена и постапката за одлучување по барање за покренување на дисциплинска постапка за член на Советот. Но во ниту една одредба од законот не е предвидена постапка за разрешување на претседател на Судски совет или за разрешување на член на Судскиот совет по друг основ освен кога се работи за утврдување на дисциплинска одговорност. Исто така, сакаме да укажеме дека ниту Деловникот на Судскиот совет не содржи одредби кои ја уредуваат постапката или причините за разрешување на претседател на Судски совет на РСМ, што значи дека правен основ за донесување на одлуката за разрешување на претседателката на Судскиот совет на РСМ не постои. Уште повеќе, според Деловникот тој што предложил да се гласа, нема право на глас во случајот.
Блупринт групата како член на работната група која ја подготвува новата Стратегија за развој на правосудството токму укажа на овој недостаток и ја посочи потребата од регулирање на самата постапка на одговорност на член на Судски совет.
Доколку интенцијата била да се разреши претседателката на Судскиот совет користејќи ја аналогијата за разрешување на судија, сепак самиот чин на разрешување е спорен од причина што Законот за Судски совет на РСМ предвидува дека за разрешување на судија потребно е да гласаат 8 члена од присутните членови со право на глас. Во конкретниов случај гласале 7 члена без претходна дискусија и без запазување на постапката која се применува за разрешување на судија.
И во досегашното работење на Судскиот совет на РСМ, на јавните седници имало несогласување помеѓу членовите околу одредени законски одредби, особено кога тие не биле јасно и концизно предвидени во закон или подзаконски акт, но никогаш не се случило Судскиот совет на РСМ да донесе одлука спротивно на Закон за Судскиот совет на РСМ и Деловникот на Судскиот совет.
Оттука, апелираме членовите на Судскиот совет на денешната седница да го преиспитаат своето постапување во конкретната ситуација, и притоа да ја покажат и докажат својата непристрасност, независност во работењето и дејствувањето како членови на Судскиот совет на РСМ, со што ќе ја исполнат својата уставна надлежност како гарант на самостојноста и независноста на судската власт во Република Северна Македонија.
Во моменти кога довербата во судството е на незавидно ниско ниво, нужно е Судскиот совет да биде стожер на судската власт преку обезбедување и гарантирање на самостојноста и независноста на судската власт и да биде институција во која судиите и граѓаните ќе имаат голема доверба, а не институција која ниската доверба дополнително ќе ја руинира поради непочитување на законите и произволно постапување со што директно го поткопува уставниот и правниот поредок во Република Северна Македонија“, стои во соопштението на Блупринт групата за реформи во правосудството.
Во Блупринт групата за реформи во правосудството се вклучени следниве граѓански организации:
- Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
- Институт за европска политика (ЕПИ)
- Институт за човекови права (ИЧП)
- Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
- Хелсиншки комитет за човекови права
- Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)
- Фондација Отворено општество ‒ Македонија (ФООМ)