Граѓани и активистки, како и Феминистичката платформа „Медуза“ повикуваат на протестен собир овој петок, на 17 февруари.
Протестниот собир ќе започне во 15 часот попладне пред Министерството за внатрешни работи (МВР), како револт кон институциите кои треба да заштитуваат од насилство, но, велат од платформата, очигледно не го прават тоа.
Организаторите посочуваат дека се револтирани од повторното затајување на институциите, неспремноста и некомпетентноста на полицијата и немањето вистинска волја да ја завршат својата заштитничка и превентивна функција кога станува збор за на жртвите на родово базирано насилство, сексуален напад и вознемирување.
„Полициските службеници повторно се покажаа неспособни и недораснати кога станува збор за жртвите на родово базирано насилство. Последниот случај со пријава на сексуален напад, кој во медиумите стана познат како ‘дивиот таксист кој ѝ избега на полицијата’ по илјадити пат укажа на истите недостатоци на институционална поддршка на жртвите кои пријавуваат родово засновано насилство. Овој случај е еден од бројните во кои видовме како системски и општествено се потфрла кога станува збор за безбедноста и благосостојбата на девојките и жените во земјата“, се вели во соопштението за граѓанскиот протестен собир.
Организаторите дополнуваат дека како загрижени граѓанки и граѓани, феминистки и феминисти, девојки и жени, ќе бараат одговорност од надлежните институции, поради небезбедноста во градовите, на улиците, во училниците, во болниците, во домовите.
„Во изминатиот период имаме пораст на случаи на родово-базирано насилство: таксисти кои напаѓаат девојки, партнери кои ги претепуваат и пукаат во своите девојки, сексуално уценување на 14 годишно девојче од страна на повеќе мажи, а листата секојдневно се надополнува. Ова е резлутат на повеќе аспекти од нашето општество длабоко вкоренети во системската неедаквост и нормализирањето на насилството како дел од културата“, велат активистите.
Тие бараат санкции за нестручните полициски службеници кои ги изложуваат жртвите на дополнително вознемирување, но и обучени полициски службеници кои ќе си ја вршат работата за која се платени.
„Бараме секоја пријава да биде третирана со максимална професионалност, но и да биде дочекана со емпатија, солидарност и поддршка. Бараме да бидеме безбедни во своите градови, улици и живеалишта’, посочуваат организаторите.