Од О2 Иницијатива известија дека вчера испратиле апел до советниците и градоначалникот на Општина Центар во врска со одлуките за спорниот Детален урбанистички план (ДУП) за локацијата на паркингот спроти „Холидеј Ин“.
Според ДУП-от на ова место е предвидена изградаба на повеќе висококатници, а изминатава недела од страна на сопственикот на плацот беше презентиран и визуелниот изглед на зградите кои е планирано да се градат.
Во продолжение ви го пренесуваме апелот на О2 Иницијатива во целост:
„Во врска со последните настани поврзани со локацијата спроти хотелот Холидеј Ин, поднесеното барање за градежна дозвола за првата кула и вчерашната седница на Советот на општина Центар,
Апелираме до градоначалникот ВЕДНАШ да го потпише пропратното писмо и сè друго што е потребно и ја заврши постапката за официјализирање на барањето за суспензија на примена на ДУП Ц 08 до Министерството за транспорт и врски, како што е задолжен од страна на Советот на општина Центар пред цели 4 месеци. Градоначалникот НЕ Е носител на одлуката и како таков не смее да ја попречува процедурата со свое непостапување и одбивање да поднесе документ/и кој/и од него се бара/ат. Ваквото попречување е спротивно со законот за локална самоуправа.
Советот на општина Центар е тој што одлучува за суспензија на примената на ДУП Ц 08, после добиеното мислење од министерот Бочварски.
Апелираме до вас, советници на општина Центар да барате ИТНО од градоначалникот да постапи согласно задолжувањето од Советот и се официјализира барањето за суспензија на ДУП Ц 08 до Министрството за транспорт и врски. Бараме како претставници на граѓаните на општина Центар и жители на град Скопје, да излезете јавно и барате од градоначалникот да постапи согласно вашето задолжение во најитен рок.
Во оваа ситуација не смеете да молчите и останете неми соочени со или издавање на дозвола за градење од вашата општина на законски неисправниот ДУП или носење на одлука за суспензија на овој ДУП и носење на нов план, усогласен со сите закони.
Градоначалникот Богдановиќ вчера на седницата изјави дека е невозможно во рок од 12 месеци (рокот на траење на суспензијата) да се донесе нов план и опасноста согласно некој да тужи и општината да обештетува.
Сакаме да ви укажеме дека изјавата на градоначалникот не е точна и дека нов ДУП може да се донесе во рок од една година, ако се работи правилно, а не како што градоначалникот работел до сега кога е во прашање ДУП Ц 08.
Како пример ви го посочуваме ДУП за градска четврт С 17, блок 1, општина Гази Баба кој Уставниот суд го укина на 25.9.2019. Линк до одлуката.Советот на општина Гази Баба донесе нов ДУП за С 17, блок 1 на 30.07.2020. Прикачен е исечок од објавената одлука во Службен Гласник. За 10 месеци е завршена целата постапка и донесен е нов ДУП.
Апелираме на ваша совест и преземање на акција во овие клучни моменти. Ги знаете сите недостатоци и неправилности на сегашниот на сила ДУП Ц 08 донесен во 2012 година. Не дозволете градоначалникот да ве/нè држи во заложништво, а со тоа и судбината и иднината на оваа локација која ќе ги афектира сите жители на град Скопје, не само тие на општина Центар, со генерации и генерации понатаму.
Деновите се избројани, делувајте сега, не дозволувајте во ваш мандат да се случи да делувате спротивно на вашата должност и спротивно на законите со продолжување на сила на незаконскиот постоечки ДУП за Ц 08. Ќе останате запаметени по акциите и одлуките кои ќе ги преземете сега во име на сегашните и идни генерации жители на градов“, стои во апелот на О2 Иницијатива.