Кочанчанецот Ванчо Кировски цел живот е со пчелите. Откако ја купил првата кошница во 1993 година, па се досега, постојано ги сели своите кошници таму каде што има нектар. Целта му е, од природата да го земе само она што смее без притоа да ја наруши рамнотежата која што постои.
„Нашата идеја е да бидеме пријатели на пчелите. Сите знаеме дека опстанокот на човештвоо е поврзан со опстанокот на пчелите. Ние зависиме директно од пчелите, важни се за опрашувањето, за исхраната, за имунитетот на човекот. Ама прашањето е зошто ние не се однесуваме пријателски кон нив“, вели Кировски.
Годинава, меѓу победниците на Организацијата АРНО за најдобрите национални „Зелени бизнис идеи“ беше и Здружението Јадра на група на пчелари од брегалничкиот регион „Меден исток“. Кировски е дел од ова здружение и вели дека е неопходно сите пчелари применуваат еколошкиот пристап во пчеларењето. Прво и најважно вели, е да не ги трујат пчелите со хемиски средства кои завршуваат во пчелните производи.
Заедно со професор од земјоделскиот факултет, започнуваат тригодишно истражување врз 90 пчелни семејства. Една третина од нив ја третираат со конвенционалната метода за отстранување на т.н. пчелин крлеж, со хемиски средва. Врз останатите применуваат биолошки и органски средства кои никако не ја загадуваат природата. Добиваат одлични резултати. Нема никаква разлика во количината на произведениот мед.
„Пчеларите се пред се еколози во душата. Сите сакаат органски да произвадат мед. Но знаете, добиваат школо од стари пчелари, не веруваат во новите методи, и сето тоа треба да се промени. Прво е незнаење. Треба да имаат знаење за биологијата на пчелата, и треба да ги убедите. Тие што знаат и не се мрзливи, кај нив нема проблем“, вели Кировски.
Сега планираат да започнат со едукација и на искусните и на младите пчелари. Велат, дека интерес има, ама важно е пчелар да го слушне тоа од пчелар.
„Ние пчеларите се познаваме меѓу себе, мислам дека сите што се сериозни, брзо ќе го прифатат тоа. Иднината е таму. Мислам дека и принципите во државата и Европа е да не се употребуваат тие забранети средства, само кај нас сето тоа оди на црно… Еве јас со години немам употребено такви средства и нема никаков проблем. Треба само да се едуцираме, и ништо повеќе“, забележува Кировски.
Тој вели дека земјава има добри услови за пчеларство, но многу работи зависат од временските услови.
„Кога дува северен ветер, како што беше оваа година, тогаш на ладното ништо не бива. Ниту доматите, ниту оризот, ниту пак пчелите. Сето ова зависи од временските услови. Меѓутоа, јас сметам дека ние не треба да ја чепкаме природата. Јас верувам во зелените идеи. Ние не треба да ја чепкаме природата, не треба да ги чепкаме пчелите, може само малку да им помогнеме, на органски начин. Тоа е моето мислење“ вели тој.
Вели дека мала е разликата во цената на органски произведениот мед, со оној кој е произведен конвенционално. Но, предупредува, граѓаните треба да внимаваат каков мед купуваат.
„Под 400 денари мед природен немате, бидете сигурни. Подобро е да не купувате ништо, отколку да купите фалсификуван мед“, дециден е Кировски кој вели дека е доволно само еднаш да се купи чист мед, и веднаш ќе се воочи разликата.
Целосно се согласува со пораката на Атиџе, главната протагонистка во македонскиот документарец „Медена земја“, дека секогаш мора да им се остави половина од медот на пчелите. Младите, кои во иднина сакаат да одгледуваат пчели, смета дека прво мора да бидат пријатели со пчелите и да имаат љубов кон работата.
„Значи да не прават математика и финансии, тоа не помага во земјоделството, посебно во пчеларството. Значи, пчелата ќе врати, кога тогаш. Ама треба да бидеш пријател и со коректен однос. Пчелата настанала многу пред човекот, и значењето од неа е многу големо, и за опстанокот на човештвото и за целата планета“, завршува Кировски.
Ј.Ј.