Изложбата „Небесогорие“ на уметникот Виктор Јаневски ќе се отвори утре (15 април) во кафе-барот „Нагоре“ во Струмица.
Таа е дел од неформалниот тековен проект #ЅидНаУметноста, кој го спроведува Здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст-Струмица“.
„Природните појави и феномени го привлекувале вниманието на човекот, од самите негови почетоци, па сѐ до денес, побудувајќи чувства на фасцинираност, возвишеност, па дури и страв. Циклусот ‘Небесогорие’ на младиот уметник Виктор Јаневски, составен од петнаесетина минијатури, како главна тематика во себе ги содржи токму тие природни појави. Останувајќи во доменот на предметното, Виктор таа фасцинираност успева да ја пренесе низ неговите дела“, вели историчарот на уметност Марјан Минов.
„Одбирајќи различни моменти од таквите појави (од облак па сѐ до далечните ѕвезди), ликовно проследени во еден експресионистички стил и со специфичен колоритен сензибилитет, уметникот им дава посебна амбиенталност на своите дела – тие се лесно приемливи и прифатливи за публиката. Освен чувството на возвишеност, присутна во целиот циклус, Виктор Јаневски во своите дела исклучува подлабока философска експертиза и останува само во доменот на ликовното и естетското – оставајќи му на гледачот да ужива во ликовната експликација на она што е секогаш над нас; на она сега за сега, недофатливо и недостижно, а секојдневно присутно“, додава Минов.
Концептуалниот уметник и поет Митко Гогов вели дека гледано историски, психолошки и митолошки, делата на Виктор Јаневски се медитативна интроспекција, трансценденција кон сопствените скриени универзуми и космоси каде се раѓаат нови ѕвезди, животи.
„Тој е алхемичар во сопствениот калеидоскоп на фрагменти од неговата праличност, лабораторија на омнисцентни реалности. За да бидеме општествено попрецизни, тоа би било во паралела со ставот на Алекс Греј – ‘Во општество кое се обидува да го стандардизира размислувањето, индивидуалноста не е многу ценето’. Со што ставаме акцент на “ценето“, но не како материјална вредност, туку на уметноста над цената, како возвишена, надвременска, елементарна, основна точка и двигател на човековиот развој. Оти почеток сме, прасоздание, огниште во зародиш на нов почеток. Затоа кога појдовна точка за доловувањето на суштината на значењето на едно апстрактно уметничко дело ни е да погледнеме низ идејно-идеолошките формулации и решенија, како и конкретните позиции кои ги поставува како носечки за интеракција со субјектот“, вели Гогов.
Виктор Јаневски е роден 1994 година во Скопје. Завршил Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, дипломирал на катедрата по вајарство кај Проф. Жарко Башески, подоцна магистрирал на катедрата по сликарство кај Проф. Жанета Вангели на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
Јаневски има реализирано три самостојни изложби и учествувано на неколку групни изложби.