По четврти пат, сликарот Ване Костуранов се претставува пред скопската публика во Младинскиот кулурен центар(МКЦ), овој пат со изложбата „Небо во лицата“. Претставени се триесетина дела работени во техниката акрил на платно.
Ване Костуранов е самоук сликар, кој веќе предизвика голем интерес во ликовниот свет. Роден е во Струмица, 1979 година. Досега учествувал на повеќе групни изложби, а одржал и девет самостојни.
Новите дела на Костуранов од изложбата„Небо во лицата“ се продолжение на претходната серија слики кои беа изложени пред три години под наслов „Лица под небото“. Според Костуранов, целината не е завршена и постојано се надополнува, трансформирајќи се и надоврзувајќи се на претходните дела.
На картичките со репродукции од каталогот на изложбата, познатиот сликар и поет Никола Маџиров ќе напише:
„Во сезоните кога се менуваат ветровите, кога градовите се наоѓаат зад дрвјата подготвени да станат книги, се будат лицата, се будат нивните сонови. Ливада од лица. Планина од плач. Ѕвезди без ѕидови. Тоа е светот на врамените патници. Луѓе прегрнати од спомени, лица загледани во времето, неба загледани во очите.“