Од 21 до 26 октомври во Кинотеката на Северна Македонија ќе се одржи неделата на албански филм на која ќе бидат прикажани по пет долгометражни и краткометражни играни филмови од поновата продукција, во реализација на Кинотека и Националниот филмски центар на Албанија.
На отворањето на манифестацијата, организаторите најавуваат дека ќе бидат присутни директорот на Националниот филмски центар на Албанија Едуарт Макри, амбасадорот на Република Албанија во Скопје Фатос Река.
Манифестацијата почнува со играниот филм „Моето езеро“ на 21 октомври во 20 часот. Потоа, на 22 октомври е најавена проекција на краткометражниот филм „Диско погреб“ со почеток во 20 часот, а продолжува со филмот „Зората“.
Во сабота, на 24 октомври во 20 часот ќе се прикаже краткометражниот игран филм „Среќна нова 1982 година“, а потоа е најавена проекција на играниот филм „Аманет“.
Краткиот игран филм „Садење дрвја“ е планирано да се прикаже на 25 октомври во 20 часот, а веднаш потоа и играниот филм „Засолниште меѓу облаците“.
На последниот ден од манифестацијата во 20 часот ќе бидат прикажани филмовите „Сонце“ и „Делегацијата“.