Недела на романски филм во Кинотека

Од 14-18 октомври во Кинотеката на Македонија ќе се одржи „Недела на романски филм“, во чии рамки ќе бидат прикажани три играни и два документарни филмови.

„Романската кинематографија доживеа вистински подем во последните две децении, со таканаречениот ‘нов романски бран’ како водечко движење кое внесе свежина и оригиналност на европската филмска сцена и филмови кои се карактеризираат со минималистички пристап, документарен стил, социјално-политички теми и силна критика на посткомунистичкото општество. Режисерите како Кристи Пују, Кристиан Мунџиу, Корнелиу Порумбоју и Раду Жуде успеаја да ја постават Романија на мапата на светската кинематографија преку своите реалистични и интензивни филмови“, вели кураторот Бојан Станишиќ.

Циклусот на романски филмови за 2024 година во Кинотека на Македонија ги претставува најновите достигнувања на романската кинематографија, нагласувајќи ја нејзината креативна разновидност и актуелните општествени теми.

„Со избор на интензивни и инспиративни наслови, овој циклус поттикнува важни разговори и овозможува длабинско запознавање со романската култура и проблематика. Очекуваме нови возбудливи проекти во иднина и продолжување на оваа значајна кинематографска размена“, соопштуваат од Кинотеката.

Програмата се отвора со проекција на филмот „Дете од војна“ во режија на Мариа Кришан. Филмот ја раскажува приказната за тинејџерот Нику кој е многу  приврзан за двата коња на неговото семејство во  Романија 1944-та кога Втората светска војна е при крај.  Осиромашената романска армија планира да ги заплени имотите на цивилите за да го обезбеди својот опстанок за време на војната.  Двата коња може да бидат одземени. Тоа го принудува Нику да започне опаснo патување во планините за да ги спаси.

Во продолжение го остатокот од програмата: