Недела на современ фински филм во Кинотека

Кинотека на Македонија ја најави Неделата на современ фински филм што ќе се одржи од 24 до 29 април. Селектор на филмовите е српскиот режисер Бојан Вулетиќ.

Во текон на овој настан ќе бидат прикажани шест филмови, пет играни и еден документарец, кои меѓусебно се разликуваат по теми и по форма. Филмовите претставуваат пресек на финската кинематографија во последниве две години, односно оној нејзин дел кој досега не сме имале можност да го гледаме на редовните кино-репертоари или на домашните фестивали.

Како што опишува селекторот Вулетиќ овој негов избор на филмови дава можност да откриеме еден дел од Европа кој само навидум е далечен, скриен и студен, но во суштина е многу близок, исполнет со топлина, бидејќи потребата од љубов, пријателство, семејство, вистина, правда и храброст е универзална.

„Возбудливи играни филмови, разични по жанр, од семејни драми до трилери и модерни вестерни во снег и мраз, кои се занимаваат со комплицирани семејни односи, обработуваат различни современи теми: од потребата за слободна љубов, предвременото созревање и недораснати родители, до убивање домашни миленици, одмазди и пријателства. Покрај играните, имаме и еден документарен филм, кој го следи осудениот воен злосторник од поранешна Југославија кој, за да продоложи со животот, мора да се сретне со своите жртви“, пишува Вулетиќ за селекцијата на Недела на современиот фински филм.