Просечната температура во неделата, 21 јули, изнесуваше 17.09 степени со што светот ја достигна највисоката просечна копнена температура забележана досега, објави Коперник, програма за набљудување на Земјата на Европската Унија, а пренесува Ал Џазира Балканс.
Во текот на изминатата недела топлотни бранови ги зафатија Соединетите Американски Држави, Европа и Русија. Некои научници веруваат дека 2024 година ќе ја надмине 2023 година како најтопла година досега.
Податоците за температурите на Земјата се собираат од 1940 година. Претходниот просечен рекорд на температурата беше забележан во јули минатата година и изнесуваше 17.08 степени.
Според податоците, од јуни 2023 година, секој месец планетата бележи рекордно топли месеци во споредба со истите периоди од претходната година. Исто така, минатата година нашата планета имаше четири рекордни денови по ред, од 3 до 6 јули.
Дополнително, до екстремни горештини на северната хемисфера доведоа климатските промени, предизвикани првенствено од согорувањето на фосилните горива. Климатските промени и крајот на метеоролошкиот феномен Ел Нино во април дополнително ги зголемија температурите оваа година.