Од 13 до 18 мај во Кинотека на Македонија во Скопје ќе се одржи XXIV издание на „Неделата на италијанскиот филм“.
Според програмата, фестивалот ќе понуди избор од шест филмови кои ја претставуваат современата италијанска кинематографска продукција. Сите филмови се издадени во 2023 година и се добитници на бројни престижни национални и меѓународни награди.
„Вториот елемент што ги обединува е темата ‘промени’ во смисла на непредвидени ситуации, неочекувани врски, лични избори, историски и општествени преобразби и уметнички доживувања“, додаваат од Кинотека.
На филмското платно во Кинотека ќе се прикажат филмовите: „И утре е ден“, „Командант“, „Грабнатиот“, „Благодарам, момци“, „Нелагодна љубов“ и „Сто недели“.
Сите филмови се со титлови на македонски и англиски јазик и влезот е бесплатен. Проекциите ќе започнат во 20:00 часот.
„Неделата на италијанскиот филм“, организирана од Италијанската амбасада во соработка со Институтот за Култура во Белград и Кинотеката на Република Македонија, годинава се реализира благодарение на Проектот ITALIAN SCREENS промовиран од Генералната дирекција за филм и аудиовизуелни уметности на Министерството за Култура на Италија, од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, во соработка со Филмската академија на Италија и со организациската поддршка на Чинечита.