Без пракса во реалниот бизнис сектор, со слаби комуникациски и претприемачки способности, штотуку дипломираните студенти тешко наоѓаат работа. На високото образование му се потребни сериозни промени – ова е заклучокот од денешната дискусија каде што на иста маса седнаа стопанствениците, претставници на високообразовните институции и невладиниот сектор, во рамките на Саемот за образование и кариера.
Според професорката Мери Цветковска, проректор за меѓународна соработка при УКИМ, стекнувањето на практичните вештини е главниот проблем на македонскиот систем за високо образование. Таа посочува дека ако сакаме конкурентни студенти, тие треба да излезат од просториите на факултетот и да волонтираат во компаниите, но овде почнуваат нивните проблеми.
Izjava prof.Meri Cvetkovska by Radio Mof on Mixcloud
Со оглед на малиот капацитет на македонското стопанство, наспроти големиот број студенти, проблемот ескалира. Македонија е меѓу последните држави на листата според Глобалниот индекс за конкурентност во делот на образованието, потсетува Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи. Во земјава, вели тој, за работодавачите не постои ниту официјален регистар каде што ќе може да проверат какви кадри излегуваат од универзитетите.
Izjava na Mile Boskov by Radio Mof on Mixcloud
Нашите студенти лесно се снаоѓаат во странство, како за вработување, така и за студирање, вели Борче Алексов, помошник раководител за високо образование во МОН. Имаме добра појдовна основа, но проблемот настанува кога нивното академско знаење треба да го искористат во реалниот сектор. Затоа вели Алексов, мора да се работи на развивање на претприемачкиот дух кај студентите.
Izjava Borce Aleksov by Radio Mof on Mixcloud
Повеќе од 50% од младите луѓе во Македонија се невработени. Бројот на невработени со високо образование порасна на 45.768, покажуваат последните податоци на Државниот завод за статистика. Лани биле регистрирани 764 невработени магистри и 17 невработени доктори на науки.
Можноста за полесно вработување по дипломирањето станува главен адут на светски познатите универзитети, кои на овој начин привлекуваат нови студенти. Во Македонија, расчекорот помеѓу високото образование и пазарот на трудот засега останува непремостлив.
Ј.Ј.