Дел од планираните активности кои Општина Центар ги планирала за младите во последниве две години се оствариле. Но, некои од активностите предвидени со акцискиот план на локалната стратегија за млади остануваат заглавени во правен и бирократски лавиринт, покажува Мониторингот на неговата имплементација за периодот 2015-2017, подготвен од Националниот младински совет на Македонија.
Општина Центар е една од ретките која има некаков акциски план за младински политики, а мониторингот покажува и дека е доста транспарентна, користејќи ги социјалните медиуми како информациски канали на кои младите ги дознаваат можностите кои нивната оштина им ги нуди.
Мартин Милошевски, Координатор за политики и меѓународни односи на НМСМ, вели дека првите наоди покажуваат дека сите активности кои биле планирани се започнати, но не се завршени.
„Според нашиот мониторинг, излегува дека 48 проценти од активностите се имплементирани, а другите се во тек. Младите ја поздравуваат транспарентноста на општината, информациите се споделени со нив и добро го имаат прифаќаат отворањето на на канцеларија за млади. Тоа е едно ретко место коешто можат да го користат како значаен ресурс“, објаснува Милошевски.
Сепак, истражувачите на НМСМ увиделе и дека акцискиот план нема јасни показатели за тоа што може да се следи како успех на работите.
„Тоа е една од работите кои ќе ги дадеме како препорака на општината – во акцискиот план кога ќе се планира за наредните две години, да се влучат барем релевантни индикатори за да се измери определен успех. Тие индикатори би биле во полза на сите, не само на нас како организација, туку и на општината за да си мери тек на работите и да знае дали на некои работи треба да внимава повеќе или не“, заклучува Милошовски.
Во однос на некои работи кои се напоменати во акцискиот план, потенцирано е дека ќе се формира Комисија за млади во рамките на Општината, меѓутоа оваа Комисија сè уште не е функционална. Истражувачите очекуваат оваа препорака да се земе предвид и Комисијата да стане реална и функционална.
Како еден од поголемите проблеми, во документот е наведено и тешкото детектирање на буџетски ставки за млади. За овој проблем, зборуваше и Емир Ќориќ, координатор за млади во Општина Центар:
„Неопходно е да се определат посебни буџети за млади, во секој сегмент на општественото делување, на локално ниво. Голем проблем е и систематизацијата – како на пример кај Агенцијата за млади и спорт, која претежно делува на план на спортот, иако треба да биде посветена и на младинските политики“.
„Со оглед на тоа што нема засебна буџетска ставка за млади или за локални младински совети, беше потешко да се детектира од каде и кои средства се реално имплементирани за млади, и со тоа тој проблем е во Законот за локална самоуправа и во рамки на тоа што од буџетот можат општините да искористат. Буџетите на општините во Македонија немаат постоечка буџетска стапка за млади и мора од други ставки да пренасочуваат средства и на нас ни е многу потешко да следиме што реално е потрошен“, дополнува Милошовски.
Ќориќ вели дека причините поради кои некои од активностите не биле реализирани, се пред сè систематски – недоволната децентрализација, буџетот, Законот за самоуправа и недостатокот на претходни вакви документи и активности.
Основната забелешка на Исидора Сидоровска, експерт за мониторинг на јавни документи, која работела на надгледувањето на акцискиот план, е квалитетот на планирање.
„Неопходни се некои информации кога се планира. Луѓето во самите општини не се во можност да испланираат конкретни активности коишто ќе значат придонес кон овие планови. Второто нешто кое фали е собирањето на податоци, за нештата за кои имаме сознанија. Претходните искуства многу би придонеле кон зголемување на ефикасноста на имплементацијата на планот, и би им помогнал на другите општини во иднина“, заклучува таа.
С.Т.