Во земјава има институции кои работат на заштита на личните податоци, но се справуваат со недостиг од технички, физички и финансиски капацитети, јавува Мета.мк. Ваквиот заклучок беше претставен на регионалната панел дискусија која се одржа по повод „Недела на приватноста“ 2023 во Белград.
Дискусијата се фокусирала кон заштитата на приватноста и личните податоци при користење на електронски уреди, а на неа учество зеле експерти од Естонија, Македонија, Косово, Албанија, Црна Гора и Србија,.
Насловена „Разгледувања за приватност во услови на имплементација на дигиталната агенда во Западен Балкан“, на дискусијата се обрати Весна Радиновска, менаџер на проекти во Фондација Метаморфозис
Во однос на тоа што прави Владата на Македонија во врска со Законот за заштита на личните податоци, Радиновска посочи дека Фондацијата Метаморфозис спровела истражување со кое се идентификувани 50 е-сервиси обезбедени од 25 институции.
„Развивме методологија за проценка на нивното имплементирање на Законот за заштита на личните податоци, развивме сет од 19 индикатори поделени во три групи. Првата група е достапност на владини услуги, втората е транспарентност при процесирањето на личните информации и третата е проценка на техничките и организационите мерки кои се имплементирани за заштита на личните податоци. Според овие методологии имавме две проценки. Едната беше во март 2022, а втората во август, со цел да ги следиме трендовите во регионот. Е-услугите добиваа оценки од 0 до 19 со цел да се измери критериумот кој го исполнуваат. Во март средната оценка која ја добија е-услугите беше 7,7 од 19, што е доста ниска оцена имајќи предвид дека Законот за заштита на личните податоци беше усвоен две години пред нашето истражување“, рече Радиновска.
Таа истакна дека при истото мерење кое е направено во август не бил забележан значителен напредок.
„Некои институции се подобрија, но повеќето не и резултатите сè уште не се задоволувачки“, рече Радиновска.
Според неа, во Северна Македонија има многу организации кои работат во оваа област, но самите институции имаат свои проблеми кои ги спречуваат да ја стават заштитата на личните податоци како приоритет.
„Институциите имаат недостиг од технички, физички и финансиски капацитети. И офицерите за заштита на лични податоци кои се потребни за секоја државна институција немаат време за да бидат целосно посветени на нивната улога како офицери за заштита на личните податоци. Имаат и други работни обврски, но секој се труди да даде сè од себе“, истакна Радиновска.
Таа додаде дека, и покрај забележаните недостатоци, досега не се забележани некои поголеми пропусти на „истекување“ на лични податоци.
„Фондацијата Метаморфозис обезбедува поддршка за институциите во вид на обуки за офицерите за заштита на личните податоци и службениците од ИТ секторите со цел да ја усогласат нивната работа според законот за заштита на лични податоци и се надеваме дека недостатоците набргу ќе бидат надминати. И институциите се многу заинтересирани да се подобрат. Но, како што реков, институциите а и ние како општество имаме и други егзистенционални проблеми, енергетска криза, инфлација, последици од ковид кризата. Исто така имаме проблем и со една соседна земја“, заклучи Радиновска.