Стивен Спилберг, Џеј Лено и Оливер Стоун полудеа по македонскиот документарец „Со љубов“, кој ја раскажува приказната за пензионираниот професор Дионис од Неготино, кој сонува да отвори музеј од својата необична колекција „олд тајмери“. Како што пренесува „Docsinsights“, легендарниот Спилберг изјавил дека македонскиот „Со љубов“ е најдобриот документарец кој го видел во последните години. И дека заслужува да освои Оскар.
„Ве позиционира апсолутно во душата на главниот лик, вие не дознавате за деталите на неговото минато или неговата иднина, вие само гледате како луѓето кои се најблиску до него реагираат во неговото опкружување, и ова создава едно запознавање кое е топло и блиско до срцето“, рече Стивен Спилберг на премиерата на филмот во Торонто.
Но, Спилберг не беше на „Hotdocs“, филмскиот фестивал за документарци. Ниту Џеј Лено и Оливер Стоун. Фотографиите на „Docsinsights“ се фотошопирани.
Сликата на авторот пак кој е наведен дека го пишувал текстот за „Со љубов“, е преземена од Википедија, од нобеловецот по физика Џорџ Е. Смит. И од „Македокс“ за Радио МОФ велат дека Оливер Стоун нема да биде нивен гостин во Македонија, иако беше во близина – на Сараевскиот филмски фестивал каде ја зема наградата „Срце за Сараево“.
„Фејк“ веста сепак запали кај голем дел од македонските медиуми, кои побрзаа да ја заграбат како вистинска. И би сакале да биде, исто како што професорот Дионис сонува за својот музеј.
Филмот „За љубов“ навистина беше прикажан на „Hotdocs“, филмскиот фестивал за документарци каде доби одлични критики.
Инаку, македонската премиера на филмот ќе биде на 19-ти август во рамки на фестивалот за документарни филмови „МакеДокс“ во Скопје.