Денес за повеќето кога ќе се слушне зборот стрип обично се прави асоцијација на американската и јапонската стрип сцена, што и не е некое големо изненадување доколку ги следиме трендовите на популарност. Американската стрип индустрија ги има тешкашите DC и Marvel чиј успех варирал во различни периоди, но нивната сеприсутност е повеќе од очигледна, пред сè на филмското платно.
Од јапонската стрип индустрија добиваме неверојатен квантитет – Јапонија има епитет на „Боливуд“ кога веќе станува збор за штанцање на нови томови на постоечки наслови, а постојано никнуваат нови наслови од нови или поискусни цртачи и сценаристи. И двете индустрии се наоѓаат во своевиден клинч со постојани дебати за тоа која сцена повеќе доминира. Но, овој текст не е за DC, Marvel, Shonen Jump или Kodansha. Подолго време паузирав од читање стрипови, но неодамна вниманието ми го привлече еден необичен наслов – Negalyod: The God Network на францускиот стрип автор Винсент Пероа. Свесен сум за постоењето на различни стрип сцени од целиот свет, нормално Балканот и Македонија не ми се туѓи, но поголемиот дел од различните сцени паѓаат за жал во длабока сенка на полето на популарноста.
Затоа, со овој текст сакам да направам промоција на нешто вредно, а помалку познато или речиси непознато, што може да го зголеми интересот и популарноста кај македонската публика. Па затоа, свое внимание во овој простор на пишаниот збор ќе го има токму Negalyod: The God Network.
Во една алтернативна Земја, во неодредена година во подалечната иднина, светот се соочува со голема суша, многу пространства се пустини, облаците не се појавуваат по природен пат па мора да се создаваат вештачки дождови. Последните градови се стационирани над површината и повеќето се резервирани за луѓе кои имале среќа да се родат во „вистинско“ семејство, додека под нив живеат посиромашните класи на човештвото.
За сликата да биде комплетна, луѓето го делат овој свет со диносаурусите. Џари е каубоец-стадар на трицератопси, стадо кое го наследил од својот татко. Еден ден неговото стадо ќе биде масакрирано од гранична патрола на еден од градовите кои не сакаат овие џиновски суштества многу да им се приближат на нивната територија. На Џари му останува само да се одмазди за оваа постапка, упатувајќи се во градот. Неговото пристигнување се случува во време на зголемени тензии помеѓу класите и Џари се приклучува на бунтовничкото движење кое се подготвува за револуција. Но, Џари и револуционерите не се подготвени за откривањето на тајните на градот и владеачката класа и прашањето кое следува – зошто нивниот свет постои во таков облик?
The God Network е мешавина на неколку интересни концепти – вестерн со диносауруси во свет каде технологијата не е нешто чудно и непознато. Пероа има одлично чувство да изгради еден интересен свет на само 200 страници. Приказната е лесна за следење бидејќи ја следиме во целост од перспективата на Џари. Првите десетина страници делуваат како драма вестерн каде го следиме животот на Џари кој рутински го води своето стадо на трицератопси. Потоа илузијата на алтернативно историски вестерн со диносауруси се руши кога Џари се допишува со девојка преку нешто како нивна Тиндер апликација од неговиот смартфон. Звучи апсурдно, но не и кога сакаш да направиш фантастичен свет на кој сакаш да му дадеш веродостојност, па затоа миксот на каубои, диносауруси и технолошки комплекси убаво се поклопува.
Пероа дава експозиција со мноштво дијалози на страниците каде што тоа е потребно, но на други страници дијалозите или внатрешниот монолог на херојот протагонист не е потребен за да ја знаеме динамиката во нивниот свет, па затоа стрипот има фина „пловидба“ помеѓу концептот на покажување и објаснување. Земјата која ја гледаме на страниците на The God Network е алтернативна верзија на нашата Земја, но повеќето елементи ни се неотуѓиви – преовладуваат проблемите на човештвото поради климатските промени, нашата негрижа кон природата и неминовната поделба помеѓу луѓето како што се врши неправедна распределба на потребните ресурси.
Иако The God Network е дистопија по сите нишани, она што е неочекувано е цртежот на стрипот, односно неговата колоритност. Да нема забуна, кога ќе го слушнете зборот дистопија тогаш тоа многу асоцира на сивило, помраченост, буквално доминирање на потемен тон, и тоа не е ексклузивно само за стрипови, вакво нешто преовладува во многу дистописки филмови, серии и игри. Но, не и овде. Цртањето на Пероа е прекрасно и не можам овде да одвојам посебни панели кои ми се фаворизирани.
Додека некои панели се стандардни кога го набљудуваме дијалогот на ликовите, има многу убави големи слики кои ги проследуваме од птичја перспектива, било да се моменти на мир кога Џари и стадото се одмараат после напорен ден или тензични моменти каде ја гледаме градската одбранбена флота. А боите се живи, со посебен нагласок на две бои кои очигледно доминираат: жолтеникаво-портокалова за пустинските пејзажи и сина за небото на кое не се знае дали ќе се појават облаци и километарските цевки кои се поврзуваат со градовите како џиновски неприроден организам. И двете се сведоштво за тажното наследство на жителите на тој свет.
Negalyod: The God Network не важи за познат стрип. Додуша не важи ни за познат стрип во Франција, државата на потекло на авторот. Ова е наслов кој се наоѓа во состојба на тешка конкуренција и на нивната стрип сцена. Но е еден од поретките француски стрипови кои имаат добиено англиски превод и англиско издание под закрила на Titan Comics. Ова си има големо значење бидејќи Франција важи за држава со една од најголемите домашни стрип сцени, со многу стрипови кои обработуваат приказни од различни жанрови, од приказни за животот до фантастиката.
Но, таа сцена го нема направено потребното пробивање за да влезе во мејнстримот како американската и јапонската стрип индустрија, освен во одредени делови на Европа, нешто што полека се менува на начин на кој се придонесуваше за популаризација на јапонските стрипови – ако нешто што си го читал ти се допадне, а нема официјален превод на твој јазик, тогаш ќе се најдат ентузијасти кои би направиле превод од фанови за фанови. А веќе постојат тимови кои ги преземаат тие чекори да го запознаат остатокот од светот со магијата на францускиот стрип.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.