Министерството за економија и Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје потпишаa договор за кофинансирање на проектот технолошки парк во рамки на универзитетот.
Договорот, со кој ќе бидат кофинансирани 75% од потребните средства, но не повеќе од 1.500.000 денари, го потпишаа министерот за економија, Крешник Бектеши, и ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, Азис Положани.
Главна цел на технолошкиот парк ќе биде раст на економската моќ на земјата, преку унапредување на културата на иновации, конкурентноста на компаниите што имплементираат иновативни модели, услуги или производи, и академската заедница, велат од министерството.
„Покрај ова поврзување со реалниот сектор и индустријата, според мене уште побитно е влијанието и унапредувањето на начинот на изведување на наставата и подготовката на студентите за вклучување во реалниот бизнис, нешто што во нашиот систем сѐ уште недостига“, истакна Бектеши.
Право на учество на јавниот повик имаа сите универзитети регистрирани во Република Македонија кои во рамки на универзитетот имаат факултети од областа на техничките, технолошките и информатичките науки и располагаат со простор за технолошкиот парк од минимум 100 квадратни метри, а при оценувањето, најважен критериум беа изработениот бизнис-план и просторот.
По овој јавен повик пристигнала само една апликација, и тоа од Универзитетот „Мајка Тереза“, која ги исполнувале потребните услови, со што ја доби финансиската поддршка за проектот.
Ректорот на Универзитетот, Азиз Положани, за Алсат ТВ изјави дека кратењето на 1,8 милиони евра за изградба на објектот нема да ги закочи плановите за развој на институцијата.
„И за оваа година, кратењето…што не можевме да развиваме со предвидената динамика, не не оштетува со ветувањето дека истите средства ќе се користат во 2019 година. Значи, направено е кратење, средствата ќе се одложат од оваа година и ќе е пренаменат за следната“, рече Положани за телевизијата.
Останува нејасна конечната локација за изградба на комплексот. Според Положани, надлежните институции работеле на постапка за експропријација на парцела во рамките на касарна Илинден.