„Нека јадат ружи!“ – протестен марш и бојкот на големите маркети и трговските центри за 8 Март

Протестен марш и бојкот на големите ланци маркети и трговските центри е најавен за 8 Март – Меѓународниот ден на жената.

Во најавата на настанот објавен на Фејсбук се посочува дека протестниот марш ќе започне од 13 часот кај Универзалната сала во Скопје.

„Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи ако немаме за леб? Овој 8 Март прогласуваме ЖЕНСКИ БОЈКОТ – за слобода и автономија од силеџискиот систем. Не е време за симболични гестови и излитени фрази. Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира животите и ни ги ограничува одлуките и можностите, сегашноста и иднината. А во кризи, товарот паѓа на жената. Токму затоа, велиме, не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија. Овој 8 Март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за секојдневните системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење, ве повикуваме на женски марш и на солидарен женски бојкот. На 8 Март повикуваме на бојкот на големите маркети, ланци и трговските центри кои преку вештачки наметната инфлација нѐ доведуваат до раб на егзистенција. А за да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 март ги повикуваме жените на бојкот на домашните обврски. Овој 8 Март, жените ќе одморат од пазарење, готвење, чистење, чување деца и од општата и севкупна организација на животот. Овој 8 Март сите заедно ќе му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и ќе ги сопреме неговите запчаници, барем на еден ден“, се посочува во најавата за настанот.

Организаторите ги повикаа граѓаните да маршираат заедно со нив на 8 март со почеток во 13 часот пред Универзална сала, каде, како што посочија, ќе се оддаде почит на жртвите на системот и ќе има обраќање. Протестниот марш ќе заврши во паркот „Жена борец“, со обраќање до јавноста и институциите.

Дополнително, организаторите им порачаа на граѓаните со нив да понесат реквизити со кои ќе бидат погласни, како свирчиња, тенџериња и дрвени лажици, светлечки батерии и транспаренти. Истовремено, тие најавија дека во наредните денови ќе споделат повеќе информации за бојкотот и маршот, заедно со дополнителни активности.