Некаде на отворено, некаде со маски – како започна школската година во регионот?

Со клупи распоредени на училишната бина започна новата школска година во гимназијата во српскиот град Чачак. Учениците имаа час на отворено, а помеѓу нив беше овозможен што поголем простор според протоколите поради глобалната пандемија со коронавирусот.

„Најдобро се снајдоа директорите на основните училишта во кои одделенијата и онака имаат до 15 ученици, па таквите училишта, кои главно се наоѓаат во селските подрачја имаат како и досега редовна настава. Поголем проблем се училиштата кои имаат повеќе од 15 ученици во одделение, па се делат во две групи. Една група доаѓа во училиште, а другата одржува настава на далечина и циклично се менуваат“, вели Слаѓана Перезановиќ, директорка на школската управа на Моравичкиот округ, каде се наоѓа и гимназијата во Чачак.

Во Србија новата училишна година започна под посебни услови, со помалку ученици во одделенијата и со почитување на мерките за заштита од ширење на коронавирусот. Во училиштата се засилени дежурствата, учениците мораат да носат маски и да одржуваат физичка дистанца, а училниците почесто ќе се дезинфицираат.

Српскиот министер за образование, Младен Шарчевиќ, изјавил дека 97% од родителите се изјасниле позитивно за тоа нивните деца физички да одат на настава во училиштата, додека наставата за цел септември е снимена на програмите на Српската Радио Телевизија за оние ученици кои се определиле наставата да ја следат од дома.

Покрај во Србија, вчера наставата започна и во Босна и Херцеговина и Словенија.

Во БиХ во одделение може да бидат најмногу 14 ученици, а во училиште започнаа само учениците од прво до петто одделение додека повозрасните имаат онлајн настава, пренесува Би-Би-Си Србија. Во училиштата е задолжително носење маски и одржување физичка дистанца, а епидемиолозите препорачале секое училиште да има по една просторија за изолација за децата на кои би им се појавиле симптоми на вирусот, каде би се наоѓале додека родителите или лекарите не дојдат по нив.

Во Словенија учениците од основните и средните училишта тргнаа на настава со маски. Националниот институт за јавно здравје усвои препораки со кои сите ученици во заеднички простории треба да носат маски кои ги носат самите во училиштата, додека оние кои немаат ќе добијат пред влез во училниците. Експертите препорачале платнени маски кои можат да се перат и повеќекратно да се употребуваат. Словенечките медиуми пренесуваат дека меѓу родителите се појавиле дилеми како да реагираат ако некои деца не носат маски и дали поради тоа ќе бидат исклучени од часовите.

Останатите држави од регионот различно се подготвуваа за почетокот на училишната година. Во Северна Македонија наставата ќе почне по комбиниран модел со посебни протоколи за физичка настава од 1-ви октомври.

На истиот овој датум, во училиштата треба да тргнат и учениците во Црна Гора. Таму инситуциите уште ги подготвуваат моделите по кои ќе функционираат училиштата, а паралелно се снимаат часови кои ќе бидат поддршка за образовниот систем.

Во Хрватска учениците ќе тргнат на часови на 7-ми септември. Според препораките на тамошното министерство за образование, секое училиште ќе носи одлука како ќе ја организира наставата – во школски клупи, на далечина или комбинирано.

Вчера немаше училишни ѕвончиња ни во Косово, каде школската година е одложена до 14 септември. Одлагањето било за да се извршат потребните подготовки во училиштата и општините.

 

 

* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.